Разговор со Искра Дамјаноска: Мечувањето е безбеден спорт, секогаш ќе го паметам турнирот во Белград

10 mins read

Иако во Македонија спортското мечување е присутно од 1950 година и Македонските мечувалци до сега имаат светски значајни резултати, во медиумите тоа е многу слабо застапено и младите немаат прилика да се запознаат со овој прекрасен спорт – вели Дамјаноска.

И мечувањето е еден од оние спортови, за кои ретко се слуша, зборува и пишува во Македонија, а има млади и перспективни луѓе кои со сето срце и волја бележат успешни резултати и со гордост ги бранат боите на нашата земја.

Меѓу нив е и младата и перспективна Искра Дамјаноска, на која ѝ се заблагодаруваме за ова интервју кое може многу да значи за поголема промоција на спортското мечување во Македонија, да допре до јавноста, да биде мотив плус и за помладите.

За самите почетоци на Дамјаноска, нејзините досегашни настапи, амбициите, повеќе и за мечувањето прочитајте повеќе во продолжение.

Од кога почна со мечувањето, што беше причината да бидеш дел од овој спорт?

– Кога бев трето одделение, тренирав одбојка, а во соседната сала брат ми почна да тренира мечување. Додека го чекав да му завршат тренинзите, неговите тренери ме поканија да им се придружам, па почнав и јас да тренирам, а потоа мечувањето ми стана поинтересно и целосно му се посветив само на тоа.

На кој клуб си член, каде се одржуваат тренинзите, дали сте задоволни од условите?

– И јас и мојот помал брат членуваме во мечувалечкиот клуб „Ескрим“ од Скопје, а тренинзите ги одржуваме во една од салите на Факултетот за Физичка Култура. Салата е солидна, а повремено имаме дополнителни тренинзи на отворено и во теретана и јас сум многу задоволна.

Учествуваше на Медитеранските Игри во Оран (Алжир), секако тука беше и Петар Србиноски во тимот. Колку си ти задоволна од настапот и колку значи ова искуство за тебе?

Медитеранските Игри за нас двајцата беа прво посериозно меѓународно натпреварување во сениорска конкуренција и јас сум сеуште возбудена и импресионирана од целиот настан. Иако се надевав на подобри резултати и пласман, многу сум горда што можев да ја претставувам Македонија. Чувството е незаборавно, особено што можевме да го споделиме со останатите репрезентативци и меѓусебно да се бодриме. Сето тоа за мене претставува дополнителна мотивација за тренирање, па се надевам дека на следните меѓународни настапи ќе имам подобри резултати.

Со цел подобро да биде запознаена јавноста, што е потребно како опрема за мечувалец, и што се случува при приликата за убод на противникот, дали се чувствува болка, или пак се слуша звук за да може да се регистрира поен?

– Секој мечувалец мора да има заштитна маска за главата, специјално засилено заштитно мечувалечко одело – пластрон, потпластрон и бермуди, високи чорапи, патики и заштитна ракавица, за да нема незаштитен дел од телото. Дополнително се носат и специјални заштитни пластики за чувствителни делови од телото. Мечот има специјален, тап врв кој е чувствителен на притисок, а од страна на рачката со кабел е поврзан за специјален апарат кој го регистрира дадениот удар – туш. При туш, апаратот светка и испушта звук, кој подоцна судијата го потврдува како поен или го одбива. Ако ударот е многу силен, се чувствува и мала болка, но се на се, мечувањето е многу безбеден спорт во кој има многу помалку повреди отколку што тоа би се рекло на прв поглед.

Во која категорија настапуваш, кои досегашни успеси ги одвојуваш како најдраги од домашната и меѓународната сцена?

– Во мечувањето има три дисциплини, според оружјето кое се користи – меч, сабја и флорет. До сега сум настапувала исклучиво во дисциплината меч. Според возраста, сега припаѓам во категоријата кадетки, но настапувам и во повисоките возрасни категории – јуниорки и сениорки, како на пример на овогодинешните Медитерански Игри. Од натпреварите во Македонија, иако повеќе пати сум била победник на различни турнири, сепак би го издвоила првото место на годинешниот меѓународен турнир „Солидарност“ во Скопје, во категоријата сениорки. Од настапите во странство, би ги издвоила годинешните Европското првенство за кадети и јуниори во Нови Сад, каде успеав да се пласирам во елиминациската фаза, и меѓународниот турнир „Осијек“, каде што освоив деветто место, но секогаш ќе го паметам мојот прв меѓународен турнир „Андреј Гарденин“ во Белград (Србија), кога го освоив првото место.

Дали според тебе има интерес младите да бидат дел од овој спорт и веруваш ли дека доволно се вложува во натпреварувачите, финансиски и организациски?

– Иако во Македонија спортското мечување е присутно од 1950 година и Македонските мечувалци до сега имаат светски значајни резултати, во медиумите тоа е многу слабо застапено и младите немаат прилика да се запознаат со овој прекрасен спорт. Нашите тренери и мечувалечката федерација организираат промотивни борби и презентации на мечување за запознавање на пошироката јавност, но без поголема подршка од медиумите тоа е многу тешко. Заради тоа ви благодарам за интересот се надевам дека и ова интервју ќе придонесе младите да се запознаат и да започнат да мечуваат.

За наши услови, мечувалечката опрема е прилично скапа, како што се скапи и патувањата на турнири во странство. Но, клубовите во соработка со Мечувалечата Федерација и со помош од Олимпискиот Комитет, најчесто обезбедуваат дел од опремата и покриваат дел од трошоците за натпреварувањата и подготовките. За возврат, во последно време и резултатите на мечувалците сè се подобри, па се надевам дека тој тренд за повеќе вложувања и подобри резултати ќе продолжи и во иднина.

Кои се твоите следни настапи што те очекуваат, какви се целите за годинава и за во иднина?

– Освен локалните турнири, за нас се особено значајни турнирите во поблискиот регион, а најзначаен настан се надевам дека ќе биде Светскиот Куп во Белград, кој ќе се одржи на почетокот на есента. Наша цел е на сите овие натпревари да оствариме што е можно подобар пласман со што би си го подобриле местото на светската мечувалечка ранг-листа.

Покрај обврските во мечувањето, како изгледа еден твој обичен ден, секако тука е и образованието…

– Поголемиот дел од денот го посветувам на школските обврски во гимназијата „Орце Николов“, каде ја завршив првата година. Значаен дел од времето ми одземаат подготовките за натпреварите по биологија, хемија, физика, математика и француски и понекогаш посакувам денот да има барем 30 часа. Сепак, најубавиот дел од денот ми е тренингот во вечерните часови, кој целосно ме исполнува и во кој максимално уживам.

Што според тебе треба да го краси еден мечувалец, воопшто спортист за да може да верува и се надева на успех, во добар резултат?

– Како и во другите спортови, за мечување се потребни физичка сила и кондиција, брзи и прецизни рефлекси, концетрација, психичка стабилност, креативност и многу самодоверба. Сите тие карактеристики се добиваат и усовршуваат низ долготрајна напорна работа, ред и многу дисциплина, но како и на било кое друго поле, најважна е љубовта за тоа што го работиш. Без голема љубов не може да се издржат сите маки низ кои доаѓа задоволството на успехот.

ДОЗНАЈТЕ ПОВЕЌЕ ЗА МЕЧУВАЊЕТО –

– Борбите со меч и штит потекнуваат од предисторијата, од бронзеното време. Како воена вештина но и заради разонода, мечувањето било популарно и низ антиката, во Египет, Персија, Вавилон, Грција и Рим. Популарноста продолжила и низ средниот век и ренесансата, особено како дел од војничката обука на европската аристократија. Правилата на спортот се усвоени кон крајот на 19 век, што се смета за почеток на модерното спортско мечување.

– Мечувањето е олимписки спорт, уште од првата модерна Олимпијада во Атина 1896 година.

– Според оружјето, разликуваме 3 мечувалечки дисциплини: Флорет, сабја и меч.

– Прв мечувалечки клуб во Македонија „Работнички“ основан во 1950 година во Скопје.

– Победник во борбата: Победник е оној кој прв ќе освои одреден број на поени, зависно од категоријата 5/10/15 или кој за дозволеното време ќе собере повеќе поени.
Ако резултатот е изедначен: 1. по случаен избор на апаратот се доделува предност на еден од мечувалците 2. борбата се продолжува за 1 мин.
Ако повторно е изедначено, победник е оној кој претходно ја добил предноста.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Рама: Советот на Европа да му се извини на Косово зашто неосновано се обвинува раководството на ОВК за трговија со органи

Следно

Благодарение на „Нетфликс“: Даниел Крег веќе втора година по ред е најплатениот актер во светот

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian