Од 1 до 31 октомври Попис на населението на Србија со електронски прашалници

2 mins read

На пописот на населението што ќе се одржи во Србија од 1 до 31 октомври 2022 година за првпат ќе се користат електронските прашалници, а прелиминарните резултати ќе бидат познати до крајот на ноември, беше речено на прес-конференција во Републичкиот завод за статистика (РЗС).

Според Снежана Лакчевиќ, помошник директор на РЗС, на пописот на населението ќе бидат ангажирани околу 20 000 лица, од кои 15 000 попишувачи, 2200 инструктори, 161 пописна комисија, меѓу кои ќе има и припадници на националните малцинства.

„Методологијата е целосно усогласена со меѓународните стандарди. Сите податоци од пописот може да се користат само за статистички цели. Преземени се мерки за заштита на податоците, а (личните податоци) не може да се користат за други цели“, рече Лакчевиќ.

Според неа, прелиминарните резултати од пописот ќе бидат познати 30 дена по завршувањето на пописот, односно на 30 ноември, додека конечните резултати ќе бидат соопштени меѓу април 2023 и мај 2024 година.

Таа рече дека пописот треба да одговори на прашањата „колкумина сме, кои сме – по возраст и пол и други карактеристики на населението”, што е „основа за научно истражување и меѓународни истражувања”, но и дека податоците од пописот претставуваат дел од извештаи за неколку поглавја во претпристапните преговори за членство во ЕУ.

Лакчевиќ рече дека на пописот ќе има прашања важни за остварување на правата на националните малцинства и намалување на социјалната исклученост.

На прес-конференцијата беше речено и дека првиот попис на населението во Србија е извршен во 1834 година, дека меѓу двете светски војни се извршени два пописи. По Втората светска војна, првиот попис е извршен во 1948 година, како „скратен попис“ со цел обнова на инфраструктурата и барања за надомест на штета, а по 1961 година пописот се одржува на секои десет години.

Пописот во Србија беше планиран за април 2021 година, но поради ковид пандемијата Србија го одложи за октомври 2021 година, а потоа за октомври 2022 година.

Последниот попис во Србија беше спроведен во 2011 година. Во тоа време регистрирани се околу 7,2 милиони жители. Но, според податоците на Државниот завод за статистика, во 2019 година бројот за прв пат по 53 години паднал под седум милиони (6.982.604).

Извор: МИА

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Во среда оваа улица ќе биде без вода

Следно

Вили Вебер: Време е семејството Шумахер да ја каже вистината

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian