Советот на Европската Унија одлучи да ги започне пристапните преговори со Албанија и со Северна Македонија, сподели чешкиот премиер Петр Фиала на Твитер, чија земја претседава со институцијата до крајот на годината.
Според него, ова е важен чекор во приближувањето на Западен Балкан кон ЕУ, додавајќи дека „ова е голем успех за нашето претседателството“.
Усвоени се и преговарачките рамки за Северна Македонија и за Албанија.
Фиала сподели дека утре ќе се сретне со лидерите на двете земји во Брисел, со цел да разговараат за следните фази на патот кон Унијата.
The @EUCouncil led by @EU2022_CZ has just agreed to open accession talks with Albania and North Macedonia!
We have taken another important step towards bringing the Western Balkans closer to the EU. It’s a great success of our Presidency.
— Petr Fiala (@P_Fiala) July 18, 2022
Како потсетување, премиерот Димитар Ковачевски ќе ја предводи официјалната владина делегација во Брисел, која утре во Советот на Европска Унија ќе учествува на првата меѓувладина конференција.
Според агендата, за утрешниот ден е предвидено премиерот Ковачевски заедно со премиерот на Албанија Еди Рама да имаат средба со претседателката на Европската Комисија Урсула фон дер Лајен.
Во рамките на историската посета на Брисел, за утре е најавено и започнувањето на скринингот за Република Северна Македонија и работен ручек на премиерот Ковачевски со еврокомесарот за проширување и добрососедски политики Оливер Вархеји, на кој ќе присуствуваат и двете делегации.
Како дел од официјалната владина делегација, во Брисел патуваат првиот вицепремиер Артан Груби, вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, како и министрите за надворешни работи Бујар Османи, за внатрешни работи Оливер Спасовски, за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска и за информатичко општество и администрација, Адмирим Алити и други високи претставници на Владата.