Нов мултифункционален парк во Триангла

2 mins read

Во Триангла во Маџари е пуштен во употреба мултифункционален парк на површина од две илјади квадратни метри. Станува збор за осветлен парк, уреден со патеки, а, исто така, поставени се и летниковец, фонтана, клупи и друга урбана опрема. Паркот се состои и од затворен дел – парк за миленици, фитнес-зона опремена со справи за вежбање на тартан подлога и детско катче во кое се поставени реквизити за игри и забава.

Значајно е што паркот е комплетно хортикултурно уреден и збогатен со голем број дрвја, а е поставен и систем за автоматско наводнување.

„Со овој мултифункционален парк правиме уште едно поубаво место на кое граѓаните на Гази Баба ќе може да се дружат, да спортуваат и да се рекреираат. Сакам да му се заблагодарам на „Макстил“, кој беше партнер во реализацијата на овој проект – истакна градоначалникот на Општина Гази Баба“, Бобан Стефковски.

Новиот мултифункционален парк се наоѓа зад основното училиште „Наум Наумовски-Борче“ и ќе претставува отворен јавен простор за сите граѓани.

„Општествената одговорност на „Макстил“ е секогаш насочена кон вистинските и суштински потреби на граѓаните. Како компанија што е дел од оваа заедница, ги следиме состојбите околу нас и целосно ги вложуваме нашите капацитети, финансиски, човечки и материјални, со цел да придонесеме за создавање нешто што е потребно за градот и за Општината. Досегашното искуство, она што го практикуваме и соработката што ја имаме воспоставено со Општината покажаа дека компаниите може да направат многу за заедницата и да помогнат во подобрувањето на состојбите во кој било сектор. Веруваме дека и со донацијата ќе придонесеме за збогатување на секојдневните активности и содржини за граѓаните и дека паркот ќе биде место за собирање и дружење на повеќе генерации, како и основа за создавање здрави навики кај младата популација –  истакна генералната директорка на „Макстил““, Марија Дуковска-Павловска.

Инаку, Стефковски најави уште еден проект организиран од Општината, а тоа се седум спортски игралишта.

„Најавувам седум спортски игралишта на територија на нашата Општина, кои ќе добијат модерен лик и ќе бидат опремени со соодветна подлога од тартан и подлога од вештачка трева “, рече Стефковски. 

 

skopjeinfo.mk

Претходно

ЕУ ќе добива повеќе гас од Азербејџан

Следно

Михајловиќ: Србија денес е во позиција да зависи од еден снабдувач во енергетиката

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian