Бугарија: Оддадена почит на жртвите од терористичкиот напад на аеродромот во Бургас

2 mins read

Бугарија денеска одбележува десет години од терористичкиот напад на аеродромот во Бургас, во кој загинаа петте израелски туристи и еден бугарски државјанин, а повредени беа 35 лица.

На комеморацијата во Бургас присуствуваа амбасадорите на Израел и на САД во Бугарија Јорам Елрон и Херо Мустафа, градоначалникот на Бургас, Димитар Николов, регионалниот гувернер Стојко Танков, директорот на Регионалната дирекција на Министерството за внатрешни работи во Бургас и поранешен министер за внатрешни работи во 2012 година Цветан Цветанов, национални претставници и роднини на починатиот.

„Тежок и трагичен момент но, овој настан покажува дека тероризмот нема да победи“, изјави Јорам Елрон, амбасадор на Израел во Софија.

Бугарската Влада преку писмено соопштение објавено на Фејсбук го осуди терористичкиот акт од 2012 година и го прогласи за варварски, наведувајќи дека бугарските власти остануваат непопустливи кон насилство, омраза и посегнување по животите на невините граѓани.

„Тероризмот нема оправдување. Во борбата против него, обединети од нашите пријателски односи, продолжуваме да развиваме плодна соработка со израелската страна во интерес на просперитетот на нашите два народа“, се наведува во соопштението на бугарската Влада.

Две години по нападот, Државната агенција за национална безбедност на Бугарија го објави идентитетот на напаѓачот, Мохамед Хасан Ел Хусеин од Либан. Тој, покрај либанско, имал и француско државјанство, а додека бил во Бугарија користел лажна лична карта. Двајцата помагачи на напаѓачот, Мелиад Фарах и Хасан Ел Хаџ се осудени во отсуство на доживотен затвор без помилување.

На крајот од судењето на наследниците на жртвите им беше досудена рекордна отштета од 50 милиони евра, помагачи се уште се бараат со црвена потерница од Интерпол.

Поранешниот тогашен министер за внатрешни работи на Бугарија, Цветанов, тогаш објави дека зад нападот на паркингот на аеродромот во Бургас стои терористичката група Хезболах.

Извор: МИА

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Фаучи: Ќе дадам оставка до крајот на мандатот на Бајден

Следно

Најдобрата руска тенисерка призна дека е геј

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian