По 17 години Северна Македонија ќе ги отпочне преговорите со ЕУ, во Софија денес потпишување на билатералниот протокол

8 mins read

По изгласувањето на заклучоците за францускиот предлог во македонското Собрание и одобрувањето на предлогот од страна на македонската Влада, Северна Македонија по 17 години ќе ги отпочне претпристапните преговори со Европската Унија. Меѓувладината конференција, според најавите, ќе се одржи во вторник во Брисел, а премиерот Димитар Ковачевски најави дека отварачката изјава ќе ја прочита на македонски јазик.

Денеска во Софија ќе биде потпишан и билатералниот протокол меѓу Северна Македонија и Бугарија, а претходно состанок ќе одржи меѓувладината комисија на кој ќе присуствува министерот за надворешни работи Бујар Османи. Протоколот, според најавите, ќе биде јавно објавен по неговото потпишување.

Премиерот Димитар Ковачевски по вчерашната владина седница на која беше одобрен францускиот предлог оцени дека со ова се заокружува уште еден објективно историски чекор за нашата земја.

–  Ја имам честа да го најавам датумот за првата Меѓувладина конференција, која треба да се одржи веќе наредната недела, на 19 јули, во Брисел. Потоа, Европа ќе биде во Скопје, а Република Северна Македонија во Брисел, со полн капацитет, со пристап кон фондови, со пристап кон знаења, вистински принципи и најважно вредности, кон кои се стремиме и ги посакуваме. И сето тоа, врз идентитет, кој ќе се гледа континуирано во сите европски центри. Ве повикувам на заедништво, на верба, на позитивен пристап, на оптимизам, изјави Ковачевски на прес-конференцијата.

 

Уште еднаш порача дека македонскиот јазик е загарантиран и дека нема да се преговара за идентитетските прашања.

– Ние денес имаме преговарачка рамка во која македонскиот јазик и идентитет се зачувани, историските прашања се надвор од истата, а ние сме веќе на чекор од одржувањето на првата меѓувладина конференција која ќе го означи почетокот на преговори на Северна Македонија со Европската Унија, нагласи Ковачевски.

Претседателот на државата Стево Пендаровски во објава на „фејсбук” оцени дека одлуките донесени од страна на Парламентот и Владата значат поддршка на европската агенда на земјата.

– Одлуките не беа ниту малку лесни да се донесат, но ќе овозможат деблокада на европските интеграции и спроведување на неопходниот скрининг процес. Сега е потребно и ЕУ да испорача, без одложување, напиша Пендаровски.

Пред Владата да го одобри францускиот предлог, Собранието по три дена расправа усвои заклучоци за францускиот предлог.

Собранието со 68 гласа „за” ги усвои предлог заклучоците поднесени од СДСМ и ДУИ по расправата за Информацијата за содржината на Предлог-преговарачката рамка за пристапните преговори со Европската Унија, предложена од страна на француското Претседателство со Советот на ЕУ. На чинот на гласање не присуствуваа пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и од Левица.

 

Со заклучоците се бара безусловно почитување на јазичните, идентитетските, културните и историските особености на македонскиот народ. Се задолжува Владата, македонскиот јазик во преговарачката рамка да биде наведен без какви било додавки и фусности и во текот на преговорите, да не прифаќа да разговара за поинакво решение за македонскиот јазик од тоа наведено во преговарачката рамка. Билатералните прашања поврзани со билатералните договори за добрососедските односи кои не се директно поврзани со правото на Европската Унија и со Копенхашките критериуми за членство да не бидат одредници од кои ќе зависи отворањето и затворањето на поглавјата и кластерите во текот на пристапните преговори со Европската Унија. Преговарачката рамка да се усвои веднаш на почетокот на пристапните преговори со Европската Унија, пред првата политичка Меѓувладина конференција.

За опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која ја напушти собраниската сала кога се гласаше за заклучоците, случувањата во Собранието се срам за државата.

– Предавството ќе биде немирната совест со која мора да живее секој пратеник и член на Владата што го поддржаа овој предлог. Ќе помине се и за неколку години повторно ќе треба да го погледнат народот во очи на улица, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски.

 

Побара избори и најави дека нема да дозволат Бугарите да бидат внесени во Уставот. За таа цел, вкупно 44 пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, како што соопшти, завериле на нотар изјави дека со мирна совест и здрава свест нема да прифатат промена на Устав.

Одобрувањето на францускиот предлог во Собранието и Владата го поздравија првите луѓе на ЕУ, САД, францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот канцелар Олаф Шолц.

– Се радуваме на отворањето на пристапните преговори во вторник кога ќе се сретнеме во Брисел за првата Меѓувладина конференција, напиша еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји на Твитер.

Претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, упатувајќи честитки за одлуката на Собранието, порача дека се овозможени условите за брзо отворање на пристапните преговори. -Ова беше историска можност и вие ја искористивте, напиша Фон дер Лајен.

 

Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел порача дека гласањето во Собранието го поплочува патот за одржување на меѓувладина конференција идната недела. -Ова е суштински чекор на земјата и за ЕУ. Нашата иднина е заедничка и ве чекаме со отворени раце, напиша Мишел на Твитер.

Одлуката на Собранието ја поздрави и државниот секретар на САД, Ентони Блинкен, кој во писмена изјава наведе дека одлука доаѓа во критичен момент за Северна Македонија, Западен Балкан и Европа.

-Европската Унија која го вклучува целиот Западен Балкан, вклучително и Албанија и Северна Македонија, ќе биде посилна и попросперитетна. Сега е време да се изгради моментум и да се работи на следните чекори, вели Блинкен.

Францускиот претседател Емануел Макрон, чија земја го понуди предлогот за одблокирање на пристапните преговори на Северна Македонија, вети дека Франција ќе застане покрај Северна Македонија за време на првата меѓувладина конференција.

 

– Со суверено гласање денеска за предлогот што го даде Франција пред крајот од нејзиното претседавање со Советот на Европската Унија, македонското Собрание повторно направи решителен избор за Европа. Франција ќе застане покрај Северна Македонија за време на првата меѓувладина конференција која ќе отвори историска етапа во нејзиниот процес на пристапување кон Унијата, напиша Макрон на Твитер.

И германскиот канцелар Олаф Шолц испрати порака – Ве сакаме како членки на Европската Унија и ќе бидеме покрај вас до крај.

Одобрувањето на францускиот предлог беше поздравено и од официјална Тирана, која заедно со Северна Македонија ќе ги потпочне пристапните преговори со Европската унија.

– Конечно! Преговорите за членство на Албанија во Европската Унија веќе немаат никакви пречки! Собранието на Северна Македонија штотуку даде зелено светло за последниот француски предлог. Апсурдното заложништво на Албанија заврши, напиша албанскиот премиер Еди Рама во објава на „Фејсбук”

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Дневен хороскоп за 17 јули: Проценете го моментот за акција

Следно

Претпладне жешко, попладне нестабилно со дожд

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian