Предлог-заклучоци за францускиот предлог што ги усвои Собранието

4 mins read

Собранието на Република Северна Македонија, поаѓајќи од стратешките и националните интереси за членство на Република Северна Македонија во Европската Унија, ја задолжува Владата на Република Северна Македонија, да ги продолжи разговорите со Европската Унија со цел да се деблокираат евроинтеграциските процеси и да се усвои Преговарачката рамка со вградени европски принципи и стандарди, како и Копенхагенските критериуми за членство, согласно со спецификите и постигнатите резултати на Република Северна Македонија.

Се задолжува Владата на Република Северна Македонија, преку државната делегација за преговори со Европската Унија, Секретаријатот за европски прашања, Министерството за надворешни работи и експертскиот преговарачки тим доследно да се придржува кон определбата за безусловно почитување на јазичните, идентитетските, историските и културните особености на Македонскиот народ, како елементи за кои не се преговара со Европската Унија. Преговорите да се водат на рамноправна и принципиелна основа, почитувајќи ги нормите на меѓународното право, со безрезервно почитување на достоинството и посебноста на Македонскиот народ, како и во целосна согласност на Резолуцијата усвоена од Собранието на Република Северна Македонија, на 29 јули 2021 година.

Се задолжува Владата на Република Северна Македонија:

А. Во Преговарачката рамка, македонскиот јазик да биде наведен без какви било објаснувања, додавки или фусноти.

При склучувањето на какви било договори, спогодби и документи со Европската Унија кои содржат јазична одредба со поименично наведување на сите официјални јазици на Европската Унија, како што е договорот за соработка со Фронтекс, истите да се потпишат со поименично наведување на македонскиот јазик без какви било објаснувања, додавки или фусноти.

Во текот на преговорите за пристапување се до нивното завршување со склучување на Договор за пристапување на Република Северна Македонија во Европската Унија и по приемот на Република Северна Македонија во полноправно членство во Европската Унија, Владата нема да прифати да разговара за поинакво решение за македонскиот јазик од тоа наведено во Преговарачката рамка. Со приемот на Република Северна Македонија во полноправно членство во Европската Унија, македонскиот јазик да стане еден од службените јазици на Европската Унија без какви било објаснувања, додавки или фусноти.

Б. Билатералните прашања поврзани со билатералните договори за добрососедските односи кои не се директно поврзани со правото на Европската Унија и со Копенхашките критериуми за членство да не бидат одредници од кои ќе зависи отворањето и затворањето на поглавјата и кластерите во текот на пристапните преговори со Европската Унија.

В. Преговарачката рамка да се усвои веднаш на почетокот на пристапните преговори со Европската Унија, пред првата политичка Меѓувладина конференција.

Г. За одржувањето на првата Меѓувладина конференција за отворање на пристапните преговори и скрининг процесот и следната Меѓувладина конференција за комплетирање на отворачката фаза на преговорите, согласно со предлогот на Француското претседателство со Европската Унија, да се донесат одлуки веднаш за да истите не зависат од донесување на дополнителни одлуки од страна на земјите – членки.

Се задолжува Владата на Република Северна Македонија горенаведените заклучоци да ги вгради во Отворачката Изјава на Република Северна Македонија на првата Меѓувладина конференција со Европската Унија.

Се задолжува Владата на Република Северна Македонија да го информира Собранието на Република Северна Македонија за конечно усогласената и усвоена Преговарачка рамка и другите документи кои ги усвојува Советот на Европската Унија, како и редовно и континуирано да го информира Собранието за текот на пристапните преговори, вклучително и процесот на скрининг како прва отворачка фаза на пристапните преговори, како и за одвивањето на Меѓувладините конференции за пристапувањето на Република Северна Македонија во Европската Унија.

Овие заклучоци ќе се достават до претседателот на Република Северна Македонија и до Владата на Република Северна Македонија.

Овие заклучоци ќе се објават во „Службен весник на Република Северна Македонија”.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

ФОТО | Со здрава исхрана и вежбање: Српската Адел ослабе неверојатни 70 килограми за една година

Следно

Приведени две лица кои на протестите нападнале полициски службеници

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian