ВИДЕО: Храмот на демократијата се претвори во национален срам!

8 mins read

Со навреди, дисквалификации и крајно непристојни изрази продолжи расправијата помеѓу опозициските ВМРО-ДПМНЕ и Левица од една страна и владејачката СДСМ од друга во обидот да докажат кој е поголем предавник и гробар на Македонија, а кој нејзин спасител.

Со вувузели и со свирежи, во тензична атмосфера и без да се бираат зборови кој повеќе ќе го навреди колегата од спротивниот табор, денеска во Собранието продолжи расправата за информацијата за францускиот предлог за пристапни преговори на Македонија во ЕУ.

Во дискусиите пратениците од опозициските ВМРО-ДПМНЕ и Левица од една страна и владејачката СДСМ од друга, не се штедеа во квалификациите кој е поголем предавник и гробар на Македонија, односно нејзин спасител и вистински патриот.

Опозицијата нудеше цитати од македонските херои и писатели како доказ кој е на вистинската страна на историјата, а кој е велепредавник. Паднаа и закани дека функционери од власта ќе завршат во затвор за велепредавство, а имаше и лични навреди кон министрите дека не ги интересира државата, туку бифтеците.

– Не можам да ве наречам почитувани. Ви простив за симнување на мојот имунитет и што ме апсевте пред моите деца, но ова предавство никогаш нема да ви го простам. Власта го отвора прашањето кое 70 години беше затворено. Со овој предлог ја запечативте судбината на Македонија засекогаш. Се преценивте лично, но го потценивте народот. Го поништивте македонското малцинство во Герција, сега и во Бугарија. Два договора без памет ги донесовте. Во Македонија има револуција и реките народ се доказ дека народот вели „не“ за францускиот предлог. Со оружје тргнавте против народот, со водени топови насочени кон Собранието, како не ви е срам слуги на ѓаволот низеадни. Ти Бујаре што направи, а државата ти понуди образование, функции. Маричиќ не е тука, не го прашувам бидејќи освен бифтези ништо не го интересира – рече пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Жаклина Пешевска.

Претседателот на Собранието Талат Џафери ја опомена Пешевска да им се обраќа на министрите со полно име и презиме.

Даниела Николова од СДСМ и реплицираше на Пешевска дека може да свират колку сакаат и дека тоа го прават за народот да не ја чуе вистината.

– Очајни сте во постапките, а важно ви е само да дојдете на власт. На маиците ви е Гоце Делчев, а во душата ви е Тодор Александров. Вие сте антиевропска коалиција која само сака да дојде на власт, а народот да биде поделен и несигурен. Не можете да се помирите дека двете стратешки цели се реализираат во владеење на СДСМ. Има ли поголемо зло од тоа на своите граѓани да им ја одземете европската иднина? – рече Николова.

Здравко Трајанов од ВМРО-ДПМНЕ оцени дека преговарачката рамка е најголемиот антиевропски документ за Македонија и цитираше стихови од песната „народе македонски“.

На обвинувањата дека СДСМ прави велепредавство Санела Шкриељ од СДСМ им се обрати на колегите од опозицијата:

– Кукавици, ксенофоби и криминалци можете да урлате колку што сакате ние ќе продолжиме по европскиот пат. Ќе обезбедиме европска иднина, не е асимилација влез во ЕУ со чист македонски јазик – рече Шкриељ.

Пратеници на ВМРО-ДПМНЕ во неколку наврати го цитираа Гоце Делчев: „Не познавам друг народ кој повеќе страдал од предавствата на своите синови изроди, како македонскиот народ“. Опозицијата цитираше и членови од Кривичниот законик кои се однесуваат на казнените дела „окупација, загрозување на независноста и предавство“ со закани дека премиерот и пратениците ќе завршат во затвор.

Од СДСМ возвратија дека пратениците од ВМРО-ДПМНЕ се лажни патриоти кои се кријат зад народот.

Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека се срами што дели иста просторија со мнозинството.

– Да ви се плукнам во договорот – рече Петрушевски и го скина.

Информацијата за францускиот предлог ја кинеа сите пратеници од ВМРО-ДПМНЕ.

Благица Ласовска од ВМРО-ДПМНЕ рече дека една шака квинслизи и велепредавници решиле да ја погребаат Македонија.

– Оваа клика со децении живее на грбот на граѓаните. Надгробна плоча и ставаат на државата наследниците на партизаните. Јуди и Котевци кои за грст пари и моќ се спремни да кажат дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот. Децата да учат дека Делчев, Мисирков се Бугари, дека Бугарија не бил окупатор туку администратор. Протоколот го кријат отие содржи уцен до уцена. Стогодишниот сон на Бугарите ќе го остварите вие квинслизи на чело со велепредавникот од Муртино и неговиот слуга Ковачевски – рече Ласовска и заврши со цитат од „Диво месо“ на Горан Стефановски: „името ќе ви се сотре, коренот ќе ви се запусти, трага нема да остане од вас“.

Ненад Коциќ од владејачкото мнозинство го стави државното знаме на говорницата и и порача на опозицијата дека не знае што зборува и дека треба да се лечат во Демир Хисар.

– Го лажат народот, зашто сакаат да ја палат Македонија. ВМРО-ДПМНЕ и Левица се платени од странски служби. Им пречи дека успеавме македонската историја да не биде дел од преговарачката рамка. Вие сте соработници на окупаторот. Како колешке не ви е јасно тоа? – рече Коциќ.

Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ порача дека за францускиот предлог треба да има широка поддршка, но ја нема.

– Македонија треба да се воздржи од почнување преговори по секоја цена бидејќи ова што го добиваме како францускиот предлог не е предлог за отворање на преговорите, туку е за отворање на Уставот, а вие знаете дека отворањето на Уставот нема да помине. Со тоа влегувате во процес кој на Македонија ќе и донесе дополнителни внатрешно-политички тензии и дополнително затегнување на односите со Бугарија- рече Милошоски.

Марија Георгиевска од СДСМ ги потсети вмровците дека Конески го нарекуваа „џуџето од Небрегово“ дека го лустрираа Славко Јаневски, а корените ги бараа во античка Македонија и кај Хунзите.

– Кои сте вие нас да не нарекувате предавници, вие кои имате по неколку пасоши во џебот. Вие не сакате просперитет на сопствената држава. Свирете, а граѓаните надвор, не тие околу вас, бараат решение и просперитет на државата – рече Георгиевска.

Трајанов против заклучоците на СДСМ, но не за уривање на Владата

На собраниската седница за францускиот предлог впечатливо беше дека додека говореше пратеникот Павле Трајанов, од владејачкиот Демократски сојуз, опозициските пратеници не му свиреа со вувузели и не свиркаа.

Тој рече дека е за влез на земјава во ЕУ, но и дека од Владата требаше да бидат предложени заклучоци прифатливи за сите пратеници и ги презентираше предлог-заклучоците изработени од ДС. Под притисок од опозицијата Трајанов рече дека нема да гласа за заклучоците, ако тие не претрпат измени, но и дека сега не е време за уривање на Владата.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Софи Тарнер и Џо Џонас станаа родители по вторпат: Sвездата на „Игра на Тронови“ и музичарот добија ќерка

Следно

Три земји на ЕУ добиваат 433 милиони евра за помош на украинските мигранти

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian