Што прави денеска: Дрита Ислами Бафтири, атлетичарка

5 mins read

Дрита Ислами Бафтири е една од нашите најуспешни атлетичарки. Таа се натпреваруваше на Летните олимписки игри во 2016 година во трката на 400 метри каде постигна висок успех запишувајќи нов национален рекорд на 400 метри со пречки.

Девет години беше прогласувана за најдобра атлетичарка. Зад себе има неколку национални рекорди, беше дел од Олимпијадата во Рио во 2016 година, учествуваше на првенство во Лондон во 2017 година. Дрита почнала да покажува интерес за атлетика уште како мала, а поактивно почнала да се занимава со овој спорт на 10-11 години.

Дрита Ислами Бафтири
Дрита Ислами Бафтири / Фото: Приватна архива

Таа почнала да се натпреварува во во основно училиште каде покажувала одлични резултати, а потоа била дел од општински натпревар каде што победила. Така на 12 години веќе била дел од официјален клуб и почнала да тренира професионално. Дипломирала економија, а студира и на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје.

Во една прилика за „Слободен Печат“ откри дека секогаш има време ако знаеш да се организираш, и дека може сè да постигне.

Дрита Ислами Бафтири
Дрита Ислами Бафтири / Фото: Приватна архива

Овојпат ја прашавме Дрита како отприлика изгледа еден нејзин ден, еве што ни откри таа.

– Да си професионален спортист не е воопшто лесно. Можеби изгледа убаво од надвор, но спортот не е само тоа што ние спортистите го објавуваме по социалните мрежи. Врвниот спорт бара многу голема жртва, многу труд, тоа значи да заборавиш на многу убави работи, одмори со семејството, излегувања со друштво, свадби, забави и многу други убави моменти кои сакаш да ги споделиш со најблиските, но, поради обврските и поради професионалниот живот, едноставно не можеш да бидеш дел.

Да си спортист значи да си на режим цел живот. Затоа секој ден ми е речиси ист. Денот ми започнува рано и ми завршува исто рано, веќе 14 години го практикувам овој начин на живот и веќе сум навикната и не ми е тешко. Кога сум на подготвителен период денот ми почнува во 07:00 со доручек, после во 09:00 го правам првиот тренинг кој трае 120-150 минути, после тоа во 12:00 часот е време за ручек, после ручекот имам малце простор за да се одморам за следниот тренинг кој е во 16:00 часот и истиот трае околу 120-150 минути, но има и такви денови кога тренингот траел и до 200 минути, односно нешто повеќе од 3 часа, и после вториот тренинг е време за рикуперација односно масажа или сауна за опуштање за да бидам спремна за следниот ден.

Дрита Ислами Бафтири
Дрита Ислами Бафтири / Фото: Приватна архива

На крај доаѓа време за вечера која се јаде во 19:30 и после тоа имам малку време за себе или да седам на телефон и после тоа одам да спијам. Кога сум многу уморна легнувам во 21 часот, но некогаш знам да бидам будна до покасно, зависи како сум расположена, но секогаш сакам да спијам доволно, односно повеќе од 8 часа и да бидам одморена за следниот ден.

Секој ден ми почнува рано и завршува рано освен во недела која ми е единствен слободен ден во неделата. Тогаш спијам до покасно, сакам да правам нешто што ќе ми текне во моментот, да одам во шопинг, да излезам на кафе, да одам на гости кај некој близок… Тој ден не сакам да имам распоред и само го оставам денот да тече природно.

Дрита Ислами Бафтири
Дрита Ислами Бафтири / Фото: Приватна архива

Но, има и убави денови кога не е толку досадно, на пример во период на натпревари е полабаво и поинтересно. Уживам во трките, особено кога трчам државни рекорди или кога ќе земам некој медал. Имам можност преку спортот да посетам многу земји низ светот да видам различни култури, да запознавам нови луѓе со кои до ден денес имам контакт и мислам дека тоа е најголемата победа – да имаш друштво кај и да одиш.

Дрита Ислами Бафтири
Дрита Ислами Бафтири / Фото: Приватна архива

Освен спортот, секако, имам и приватен живот. Скоро сум мажена и живеам во Литванија заедно со сопругот. Кога почнува сезоната повеќето од времето сум во Македонија, на припреми или натпревари, но имам многу голема подршка од сопругот и големо разбирање кое верувам дека ќе го имам до крајот на мојата кариера, која планирам да ја продолжам до 2024 година.

Спортот си бара голема жртва, многу труд и голема одговорност, но ако правиш една работа со голема љубов и посветеност на крај успехот нема да фали.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Рингов: Шкупи нема никаков квалитет, подобар за неколку класи е Динамо Загреб

Следно

Хуманитарна акција „Сите за Мартин“ – возила со доброволци и опрема од Македонија тргнаа кон Халкидики

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian