Сандански, левичарите и „дивите социјалисти“ (12)

10 mins read

Поттекстот на ваквите „научни истории“ е сосема јасен: носителите на македонскиот политички сепаратизам се приврзаници на „најголемото зло — болшевизмот“, па затоа нивното убивање од страна на Александров, Михајлов и нивните приврзаници е пожелно и оправдано!

Фактички, може да се каже дека ваквите карактеризации се само надградување на „оригиналните“ тези од Второто политичко одделение при Министерството за надворешни работи на Бугарија, кое според историчарот Ванчо Ѓорѓиев било формирано „да се занимава исклучиво со македонските работи, да подготвува извештаи за потребите на бугарската влада и дворецот и за нивната политика кон ВМОРО и Македонија воопшто, каде што Јане Сандански и неговите соработници биле карактеризирани како „диви социјалисти“ кои го одрекуваат „бугарскиот национален карактер“ на македонското население. Во крајна линија, поттекстот на ваквите „научни истории“ е сосема јасен: носителите на македонскиот политички сепаратизам се приврзаници на „најголемото зло – болшевизмот“, па затоа нивното убивање од страна на Александров, Михајлов и нивните приврзаници е пожелно и оправдано!

Бугарските и македонските историографски ревизионисти во однос на Јане Сандански, неговите приврзаници и „левичарството“, се движат во следните рамки: По Илинденското востание, Јане и левицата на МРО околу него, неформално и неофицијално дејствувала одделно од МРО и се приближила кон социјалистичката идеологија. Неговите најблиски соработници како Стоју Хаџиев, Георги Скрижовски, Таската Серски, Чудомир Кантарџиев, Тодор Паница, Александар Бујнов, Димо Хаџи Димов и Георги Казепов биле отворени или прикриени приврзаници на Бугарската работничка социјалдемократска партија (БРСДП), тесни социјалисти и како такви го контролираат и го насочуваат дејствувањето на МРО во Серскиот округ. Секако дека ваквите оцени се крајно „остри“. Се чини дека поисправна е оценката на Павел Делирадев во неговото дело „Јане Сандански“ од 1946 година дека, иако Сандански околу себе ги прифаќаше луѓето што имале социјалистички идејни погледи, сепак тој „не чувствуваше потреба од формално преминување кон социјализмот“.

Јане Сандански и Александар Бујнов

Впрочем, нималку случајно, уште Христо Силјанов пишувал дека пред самото убиство на Гарванов и Сарафов, во Софија, кон крајот на 1907 година, биле одржани неколку средби на Сандански со „Ѓорче Петров, Димитар Стефанов, Петар Поп Арсов, Пере Тошев, Христо Чернопеев, познатиот српски поручник автономистот Герџиковиќ, писателот Антон Страшимиров, Димо Хаџи Димов, социјалистот Стојно Стојнов…“, туку ваквото пишување имало токму цел да сугерира дека левицата на МРО била со „социјалистичка“ определба.

Идеолошки директиви

Сето тоа „комунистичко“ влијание, велат овие противници на левицата во македонското револуционерно движење, може да се види и од т.н. Директиви за идната дејност на организацијата, изработени веднаш по неуспешното Илинденско востание од Димитар Стефанов, Димо Хаџи Димов и Димитар Мирасчиев, каде што преку низа изнесени ставови, а особено преку ставот за балканска федерација, се имплементирани левичарски идеолошки елементи. Во самите директиви, навистина се зборува за „интернационална почва на агитацијата“, или за „балканска федерација“, но, сепак, тешко може да се изведе плаузабилен заклучок дека станува збор за „марксистичка“ идеологија или „социјалистички“ текст.

За пробугарските националистички историографи, Јане Сандански е отворен противник на Илинденско востание, па така, на пример, Ангел Узунов во своите спомени се труди да докаже дека учеството на Сандански и санданистите во Илинденското востание било минимално, било формално и дека се сведувало на палење огнови на кои се „печеле меса“. Ваквите ревизионистички историографи се обидуваат да покажат и докажат дека многумина од најблиските соработници на Јане Сандански се под влијание на бугарските тесни социјалисти, што е „еквивалент на болшевиците“, како што забележува Стојан Бојаџиев, и дека тие настојуваат да го претвораат „Серскиот револуционерен округ во поле за експериментирање на социјални утопии“. Со тоа тие ги откинуваат, дефокусираат, пренасочуваат „Бугарите од основната задача – национално ослободување“. Таму, во Серскиот округ, по Илинденското востание, а особено пред и во време на младотурскиот период, односно откако, наводно, социјалистите под закрила на Јане ја презеле контролата веќе не се говорело за „ослободувањето на Бугарите“ од османлиско господство, туку за реформирање на Империјата, за заедничка борба со турскиот народ, за демократизирање на турската држава.

Јане Сандански (1910)

Христо Силјанов пишувал дека во редакцијата на весникот „Одрински глас“, кој во почетокот на 1908 г. започнал да излегува од печат и кој фактички ги пренесувал ставовите на левицата на македонското револуционерно движење, „биле вклучени и неколку социјалдемократи – Павел Делирадев, Георги Стојнов и др., кои преку своите марксистички погледи ја бранеа теоријата за уставна Турција“.

Морално изопштување

Врз Јане Сандански и неговите приврзаници редовно се вршело и се врши едно своевидно морално изопштување кај врховизираните македонски препрочитувачи на историјата, се прави една морална „касапница“, во која докрајно се дискредитираат не само нивните дела, туку и нивните личности. Така, се пишува од Бојаџиев, дека Јане Сандански е „полуписмен“ борец, кого левичарската пропаганда во Бугарија и Македонија од времето на социјалистичкиот период, неоправдано го издигнала до „парадигма за општествен борец и револуционер“. Се тврди дека тој не може да биде образец на општественополитички деец, оти има „низа на криминални и политички престапи против бугарскиот народ“.

Што да се каже, за бугарската националистичка „приказна за Јане“, која, пак, и кај нас ја плагираат и ја преповторуваат некои македонски неоврховисти? Тука фактички гледаме нарација во која еден крвожед, човекојадец, болшевик, братоубиец, тиран, киднапер кој ги крши човековите права, камелеон, предавник, терорист, бандит, лажен револуционер… прави сè за да ја задоволи својата суета и да им наштети на бугарските национални интереси. Објективно ли е тоа? Се разбира – не! Се согласува ли тоа со реалната слика за Јане сочувана кај македонското население во пиринскиот крај? Не се согласува! Ја зборува ли таквата големобугарска нарација историската вистина? Очигледно – не!

Санданизмот – неопходна етапа

Сандански и санданистите се онаа идејна струја во македонското револуционерно движење, кои обрнаа поголемо внимание на самостојната борба, на економската положба на селото, на социјалното и аграрното прашање, на културно-просветната дејност, на интернационализмот, федерализмот, еволуционизмот и демократизмот во политичкото дејствување.

Весникот „Македонски вести“, кој излегувал во Бугарија меѓу двете војни, во број 38, од 30 октомври 1935 година, сосема јасно и исправно проценил дека санданизмот „дефиниран, тој ни ја дава азбуката на една национална идеологија – идеологија што допрва ќе ја проучиме“.

Може да се констатира без да се погреши дека санданизмот, со сета своја идејно-национална еволуција се јавува како една преодна етапа во развојот на македонската национално-политичка мисла и македонското ослободително дело. Но, дури и таков, санданизмот е етапа без која не се може. Со други зборови кажано, без инсистирањето и борбата за самостојност на македонското ослободително дело од Сандански и санданистите, без нивното идеолошко свртување влево, нема да можеше да се конституира ВМРО (обединета), да се јави Македонскиот литературен кружок и МАНАПО, ниту Комунистичката партија на Македонија (КПМ) ќе можеше во време на Националноослободителната војна да се надоврзе на илинденските традиции и да се бори за македонска национална држава која беше формирана со АСНОМ!

(продолжува)

Прочитајте ги и другите делови од фељтонот: Јане Сандански и санданизмот во македонското ослободително дело

ПРВ ДЕЛ: Врховистите ја барале „главата на Сандански“! (1)

ВТОР ДЕЛ: „Отровниот македонизам“ на Сандански (2)

TРЕТ ДЕЛ: Убиствата на Гарванов и на Сарафов (3)

ЧЕТВРТИ ДЕЛ: Младотурската револуција и Јане Сандански (4)

ПЕТТИ ДЕЛ:Манифестот на Сандански до сите народи во Империјата (5)

ШЕСТИ ДЕЛ: Сандански мета на повеќе атентати (6)

СЕДМИ ДЕЛ: Сандански ликвидиран в грб, од заседа (7)

ОСМИ ДЕЛ: Дискредитација на ликот на Јане и неговата политика (8)

ДЕВЕТТИ ДЕЛ: Борбата на Сандански за македонска самостојност (9)

ДЕСЕТИ ДЕЛ: Антиврховизмот и македонизмот на Сандански и на санданистите (10)

ЕДИНАЕСЕТТИ ДЕЛ: Санданизмот и националната посебност на Македонија (11)

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Северина објави медицински наод и ја нападна директорката на училиштето: Ми го киднапираа детето

Следно

Украина ги доби првите ракетни фрлачи со долг дострел М270 од Велика Британија

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian