Шкупи успеа да се пласира во второто квалификациско коло во Лигата на шампионите откако го елиминираше Линколн Ред Импс од Гибралтар. На првиот натпревар во Скопје македонскиот првак триумфираше со 3:0, а на реваншот Линколн беше подобар со 2:0.
Чаирчани предводени од тренерот Гоце Седлоски за пласман во третото квалификациско коло на ЛШ ќе игра против Динамо Загреб кој ја има и фаворитската улога.
Така мисли и прославениот македонски фудбалер Васил Рингов кој играше за „модрите“ во сезоната 1983/84. Тој вели дека Динамо за неколку класи е подобар од Шкупи.
– Македонската лига е слаба, така што тие два клуба навистина не може да се споредуваат. На пример, Хајдук играше со Ренова пред две години, ја видовте разликата во класа. Па, хрватската лига е 10 пати подобра од македонската, па логично е дека македонскиот шампион шампион не може да се носи со хрватскиот шампион. Реално, не гледам како Динамо може да загуби од Шкупи – рече Рингов за хрватските медиуми.
Исто така смета дека натпреварите не се добиваат само со борба.
– Дефинитивно Шкупи не би требало да претставува никаков проблем за Динамо. Гоце Седлоски е добар тренер, но со составот каков што е нема доволно квалитет за да му одолее на Динамо. Па, гледате, едвај ја поминаа екипата од Гибралтар. Седлоски сигурно го познава Динамо, но тоа не може да му помогне во овој случај. Како фудбалер беше одличен, многу борбен, сега може само тоа да го пренесе на својот тим, да си каже „борете се, играјте најдобро што можете, дадете сè од себе“. Но, неговата екипа нема никаков квалитет, единствено им останува да се борат до крајни граници. Меѓутоа, натпреварите не се добиваат само со борба – вели Рингов.