Македонија ја декласираше Австрија за супер старт на ЕП во Тбилиси

2 mins read

Машката селекција на Македонија за кошаркари „Под 20“ години имаше успешен почеток на Европското првенство од Дивизијата „Б“ кое стартуваше денеска во Тбилиси, Грузија. На премиерниот натпревар славеа убедлив триумф против репрезентацијата на Австрија со конечен резултат 90:54.

Одличен почеток имаа нашите млади кошаркари на отварањето, одиграа одлично во нападот, особено тоа се однесува за стартните 10 минути во кои избраниот тим на селекторот Никола Василев реализираше дури 33, а прими само 14 поени.

Малку „забавивме“ во втората четвртина, кога станува збор со реализацијата, но затоа ја „држевме“ контролата во одбраната. На противникот му дадовме само 26 поени за 20 минути од играта. Ние имавме двојно повеќе – 52. За сигурни, убедливи 52:26, со кои беше трасиран и патот до првиот триумф, особено важен, доколку се земе в предвид дека доаѓа на првиот ден од шампионатот.

Минути во кои реализиравме дури девет тројки, со 40% на успешност во реализацијата. Но, и доминација во скокот (дури 12 повеќе во однос на противничката селекција). Доминиравме и во второто полувреме во кое го одржавме континуитетот на високо водство. На истекот на третиот дел од мечот имавме уште повисоки 69:37. Не се задоволивме со таа разлика, иако до крајот на натпреварот, селекторот Василев им даде минути на сите 12 кошаркари кои ги има на располагање за ова првенство.

Кај стрелците за Македонија доминираше Миловановиќ со 15 поени (пет скокови, четири асистенции), а кај Австријците Заф беше прв стрелец со 10 поени.

В сабота (16 јули) од 14.45 часот, нашата младинска репрезентација во вториот меч на ЕП ќе игра против Шведска која на стартот славеше против Косово со 81:69.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Украина ги доби првите ракетни фрлачи со долг дострел М270 од Велика Британија

Следно

Среќен роденден Игор Џамбазов: Актерот денеска полни 59 години, а честитки пристигнуваат од сите страни

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian