Повозрасен пар од Македонија го привлекле вниманието на полицијата од Австрија, бидејќи тие двајцата воделе бизнис со кој го намалувале бројот на поминати километри на половни возила.
Полицијата го открила случајот благодарение на полицаецот кој на почетокот на април, запрел возило при рутинска сообраќајна контрола. Возачот, по потекло од Македонија, направил повеќе прекршоци, а налепницата од техничкиот преглед на возилото била лажна.
Тоа ја предизвикало полицијата да истражува малку подлабоко и набрзо открила дека возачот продал осум користени автомобили со манипулирана километража.
Како што пренесува heute.at, брачните партнери ја вратиле километражата на едно Ауди за цели 200.000 километри. Тие ги намалувале поминатите километри на повеќе возила кои подоцна ги продавале, а најчесто тргувале со марките на автомобили Ауди и Шкода.
Според полицијата, најмалата забележана манипулација со километражата била 60.000 километри.