На Халкидики и денеска, шести ден по ред продолжува потрагата за лоцирање на 31-годишниот Мартин Јовановски, кој морските струи го однесоа од плажата Мити, во Посеиди.
31-годишникот, кој се води за исчезнат од саботата , не е лоциран и покрај опсежните потраги во поширокото морско подрачје.
Според Voria.gr , во истрагата ќе учествуваат неколку пловни објекти на Грчката крајбрежна стража , хеликоптер, како и копнено возило и волонтери од локалното население.
Во претходните денови со подводен дрон се пребаруваше морското дно во регионот на исчезнувањето, а дронови од воздух ги пребаруваа непристапните терени. Вчера и куче трагач беше вклучено во спасувачка мисија, но немаше резултати потрагата.
Воедно, се посочува дека дипломатските власти на Северна Македонија во Солун и Атина „остануваат во интензивен контакт со надлежните органи на Грција и семејството на исчезнатото лице и секоја информација ќе биде навремено пренесена“, се наведува во соопштението на Министерството за надворешни работи на РСМ.
Исто така апел за собирање финансиска помош упати Иван, пријателот на Мартин кој беше спасен по 19 часа поминати во вода. Тој отвори сметка за донации за поддршка на потрагата по 31-годишниот пријател, а апел граѓаните да помогнат вчера упати и неговиот брат Горан преку социјалните мрежи.
Како се случи инцидентот?
Сè започна кога тројцата мажи го избраа Халкидики за одмор, по повод прославата на роденденот на Иван. Како ден за роденденско славје тие ја избраа саботата, иако во околината дуваше силен ветер, па отидоа на песочната плажа Мити која е позната како опасна и непредвидлива, но веројатно тројцата пријатели не го знаеле тоа па влегле во морето да пливаат.
Дента тие се однесени од морските струи далеку од брегот. 25-годишниот Васил прв се извлече од брановите со помош на луѓе од крајбрежната стража.
30-годишниот Иван е пронајден жив во неделата откако пливал 19 часа со помош на топка. Откако излезе на брегот, тој рече дека неговото спасување е најдобриот роденденски подарок досега.