Санданизмот и националната посебност на Македонија (11)

7 mins read

Модерната големобугарска историографија како „најнегативна карактеристика“ за Јане Сандански ја припишува онаа дека наводно тој бил „приврзаник на болшевизмот и комунизмот“. Секако, поаѓајќи од арбитрарниот и погрешен став дека „социјализмот“ е, сам по себе, некакова негативна идеологија и практика

Санданистите, нарекувани и серчани, дејствувале како организирана политичка група и по Првата светска војна. Тие активно се вклучиле во работата на Привременото претставништво на обединетата бивша Внатрешна македонска револуционерна организација. Иако со престанокот на работата на Привременото претставништво, по ноември 1919 година престанало и егзистирањето на серчаните како политичка групација, сепак, тие и понатаму, како поединци, играле значајна улога во македонската ослободителна борба.

Оваа констатација можеби најдобро се потврдува од трагичниот факт дека скоро сите најистакнати членови на оваа група биле убиени во време на продолжениот масакр што автономистичка ВМРО на Александров и Михајлов го изврши врз левицата на македонското револуционерно движење. Во секој случај, познато е дека некои од најистакнатите членови на санданистите биле вклучени во преговорите на автономистичката ВМРО и Бугарската комунистичка партија (БКП), односно Коминтерната и Советскиот Сојуз, за постигнување „единствен македонски револуционерен фронт“ во пролетта и летото 1924 година.

Јане Сандански (1910)

Санданизмот во македонското револуционерно движење ја има и заслугата да се „негува“ федеративната идеја. Најнапред како можност Македонија да биде конструирана како автономна единица во Отоманската Империја врз федеративни принципи, при што сите нејзини одделни народи би биле рамноправно застапени во управувањето со државните работи. Потоа, како можност на Балканот да се конституира една балканска федерација, во која Македонија би била одделна национална и политичка единица. Визија која, со определени модификации, всушност, била реализирана со создавањето на Демократска Федерална Македонија по Втората светска војна.

Култивирање на свеста

Постојат мислења дека самиот Сандански и неговите најблиски соработници го застапувале ставот за „национална посебност“ на Македонците. Така, Ванчо Ѓорѓиев пишува: „Сандански ја бранел и ја афирмирал политичката и националната посебност на Македонија и Македонците. Овие констатации се изведени од сведоштва, пред сè, на идејните противници на Сандански и од други независни извори од разновидна провениенција. Низ нив може да се проследат ставовите на Сандански за политичката и за националната посебност на Македонија и на Македонците во однос на Бугарија. Сепак, борбата на Сандански против врховизмот треба да се толкува како борба на две спротивни поимања во поглед на македонското прашање, од кои, во онаа на врховизмот значајно влијание имала бугарската политика, додека спротивставеноста со бугарската политика била политички и национално принципиелна“.

Може да се истакне и забелешката на Елефтериос Ставридис, кој бил водечка личност на Комунистичката партија на Грција во дваесеттите години на 20 век, кој пишувал дека Сандански е човекот „кој нанесе најголемо зло што би можел да го стори човек во Бугарија“ бидејќи „ги спречуваше славофонските жители на Македонија да се сметаат себеси за Бугари, култивирајќи ја македонската национална свест“. Впрочем, веќе споменатиот руски публицист Водовозов, скоро по смртта на Сандански, пишувајќи ја неговата биографија, го забележал и следното: „Сандански е роден… во оној дел од Македонија кој, според Букурешкиот мир од 1913 година, падна под власта на Грција. По своето национално потекло тој беше чист Словен, а неговиот мајчин јазик може да се смета за сосема близок, но одделен од бугарскиот јазик“.

Прашањето за јазикот

Во врска со ставот на Сандански и санданистите кон „национална посебност“ на Македонците, потребно е да се имаат предвид и низа индикации дека во круговите на македонската левица се размислувало за „македонскиот јазик“ како ефикасно средство за дефинирање одделна македонска национална свест.

Јане Сандански

Сепак, Иван Катарџиев е во право кога го заклучува следното: „Меѓутоа, ниту Сандански ниту левицата во целина, кои високо биле над средината и времето во кое живееле и работеле и релативно јасно ја изразиле мислата за својата македонска национална самобитност во својата програмска и практична политичка дејност, доволно енергично не ги истакнале емоционалните аспекти во своето практично дејствување. Прашањето за јазикот, а особено за јазикот во образованието, како и за поставеноста и раководењето со црквата во Македонија, не се нашле во центарот на политичката акција“.

Слична е оценката на Манол Пандевски, кој вели: „Не би кажале ништо ново ако констатираме дека ни левицата не ја докомплетира својата програма со барањата за македонскиот литературен јазик и македонската национална култура“.

Модерната големобугарска историографија како „најнегативна карактеристика“ за Јане Сандански ја припишува онаа дека наводно тој бил „приврзаник на болшевизмот и комунизмот“. Секако, поаѓајќи од арбитрарниот и погрешен став дека „социјализмот“ е, сам по себе, некаква негативна идеологија и практика.

Многу автори од Бугарија, со цел да ги дискредитираат Сандански и неговите приврзаници од левицата на МРО, ги прогласуваат за „социјалисти“, „болшевици“, „комунисти“… Констатацијата на „македонскиот“ дипломат Симеон Радев дека Сандански е „терорист на интернационализмот“, со што, фактички, Сандански е вброен во таборот на светското комунистичко движење, бугарските националисти и ревизионисти ја модифицираат и упорно преповторуваат, како што, на пример, тоа го прави Христо Георгиев во своето дело „Утопиите на Јане Сандански“, печатено во Софија во 2013 година.

(продолжува)

Прочитајте ги и другите делови од фељтонот: Јане Сандански и санданизмот во македонското ослободително дело

ПРВ ДЕЛ: Врховистите ја барале „главата на Сандански“! (1)

ВТОР ДЕЛ: „Отровниот македонизам“ на Сандански (2)

TРЕТ ДЕЛ: Убиствата на Гарванов и на Сарафов (3)

ЧЕТВРТИ ДЕЛ: Младотурската револуција и Јане Сандански (4)

ПЕТТИ ДЕЛ:Манифестот на Сандански до сите народи во Империјата (5)

ШЕСТИ ДЕЛ: Сандански мета на повеќе атентати (6)

СЕДМИ ДЕЛ: Сандански ликвидиран в грб, од заседа (7)

ОСМИ ДЕЛ: Дискредитација на ликот на Јане и неговата политика (8)

ДЕВЕТТИ ДЕЛ: Борбата на Сандански за македонска самостојност (9)

ДЕСЕТИ ДЕЛ: Антиврховизмот и македонизмот на Сандански и на санданистите (10)

www.slobodenpecat.mk

Претходно

ФОТО | Ева Лонгорија на 47 години изгледа подобро од кога било: Актерката ужива во Италија со семејството

Следно

Која беше Ивана Трамп поранешната сопруга на Доналд Трамп

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian