Ѓоргиев: Комисијата досега не усогласувала текстови за споменици, објавеното за цар Самуил е апсолутно неточно

4 mins read

Не сум го прочитал францускиот предлог и не знам што содржи, но се што беше објавено за работата на Комисијата и содржината на текстовите кои се усвоени за заедничко чествување на цар Самуил е апсолутно неточно, изјави копретседавачот во заедничката Македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања Драги Ѓоргиев, во врска со францускиот предлог и билатералниот протокол во кој наводно се бара измени на историски личности од наша страна во учебниците.

– Апсолутно не е точно она што е наведено во некои медиуми со она што е усвоено од страна на самата Комисија за заедничко честување на цар Самуил. Исто така, Комисијата никогаш не усогласувала текстови за да бидат тие ставени на различни спомен обележја, споменици или тврдини. Комисијата усвојува заеднички текстови за заедничко чествување на одредени личности и тие личности се познати и веќе два текста од нив се објавени во јавноста и тоа е она што го има направено Комисијата – рече Ѓоргиев.

Тој напомена дека комисијата ниту дава дозвола да бидат тие објавени на различни спомен обележја, ниту е тоа работата на комисијата. Како што рече, текстовите на комисијата се за заедничко чествување а не за спомен обележја

– Постои текст за заедничко чествување на цар Самуил кој е усвоен во 2019 година и вчера или завчера веќе беше објавен во дел од медиумите, а пред неколку месеци на една од средбите усвоен е и предлог препорака до владите како таа држава да биде претставена во учебниците по историја. Тие два текста немаат апсолутно ништо заедничко со она што е за жал објавено во некои медиуми и се пренесени во наши медиуми, без и малку критички да бидат анализирани – додаде Ѓоргиев.

Тој уште еднаш повтори дека работата на историската комисија не може да биде дел од процесот на политичките преговори. Тоа, како што рече, мора да биде паралелен процес и нема да биде органичен со рокови ниту врзуван со одредни императиви.

Маја Ангеловска Панова од Институтот за национална историја изјави дека самото прифаќање на францускиот предлог ќе претставува проблем, затоа што тоа ќе значи ревидирање на официјалната македонска историографија.

– Несомнено дека ова е преседан. Вакво нешто не постои во современите светски историографии на наметнување на нечиј наратив врз друг наратив, така што моето мислење е дека ова е едно агресивно однесување што не соодветствува со европските вредности, најмалку со вредностите што се применуваат во научно истражувачката работа – смета Панова.

Според историчарката, сега не можеме да зборуваме за импликациите за овој предлог, но истиот ќе има последици доколку се прифати, затоа што ќе значи комплетен ревизионизам и усогласување на ставовите онака како што тоа го налага бугарската историографија. Тоа, како што додаде, е недозволиво.

Бугарскиот медиум БГНЕС вчера објави нацрт-записник од идната седница на меѓувладината комисија кои ги претставија како билатерален протокол меѓу Македонија и Бугарија за спроведување на Договорот за добрососедство, чие донесување произлегува од францускиот предлог. Во нацрт-записникот меѓудругото стои дека Македонија се согласила дека Самоил е бугарски крал и дека тоа ќе биде запишано на сите негови обележја во Македонија, како и на Самоиловата тврдина во Охрид.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

ВИДЕО | Ким Кардашијан се огласи по обвинувањата дека го оштетила култниот фустан на Мерлин Монро

Следно

СЗО ќе разговара за вонредна состојба поради мајмунските сипаници

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian