Општина Карпош со нови правила за урбанистичкото планирање во однос на индивидуалното домување

3 mins read

Општина Карпош почна со примена на новите правила при урбанистичкото планирање кои се однесуваат посебно на изградбата и одобренијата за градба во зони на индивидуално домување.

Одредбите кои ќе се однесуваат на паркирањето, важат и за колективно домување, при што се утврдува дека:

-Oпштина Kарпош нема повеќе да дозволува паркирање со помош на таканаречени платформи, туку исклучиво со рампи и тоа поврзани директно од сервисната улица кои ќе се спуштаат до гаражните места во објектот;
 Општина Карпош нема повеќе да одобрува проекти во кои паркирањето ќе биде прикажано со таканаречени „клацкалки“;
Целокупното паркирање, за објекти од индивидуално и колективно домување мора да биде планирано под самиот објект. Доколку постои простор за гаражирање во рамките на самата парцела, тој простор нема да се земе во предвид, туку истиот ќе треба да биде резервиран за станарите кои имаат второ и трето возило, како и за гостите кои доаѓаат во предметниот објект.

Овие одредби важат доколку во индивидуалниот објект за кој се бара градежна дозвола има повеќе од две станбени единици, појаснуваат од општина Карпош. 

Кај новите градби (особено за индивидуално домување), најголем проблем создаваат возилата кои не се паркираат во парцелата или објектот, туку истите остануваат на улиците и тротоарите и го загрозуваат животот на останатите граѓани од таа улица, (маало), велат од општината. 

Дополнителен проблем претставува второто и третото возило кое го поседуваат многу семејства, а со одобрението за градба не е предвиден простор за толку возила.  Истото се однесува и за возилата на гостите кои доаѓаат во станбениот објект, кој во случајот е предмет на одобрение за градба.
-Во изминатиот временски период имавме вистинска наезда на претворање на индивидуалните градби, во станбени единици за колективно домување. Таа тенденција одеше дотаму, што се одобруваа дури и до 15 станови, и покрај тоа што се работи за индивидуално домување. Притоа, постоечката инфраструктурата и ширината на станбените улици, не можат да овозможат нормално функционирање и живеење ниту за граѓаните кои купуваат станови во тие објекти, ниту пак за останатите жители од тој реон, соопшти општина Карпош. 

Од тие причини, локалната самоуправа одлучи да се придржува според следниве правила:

-Во урбанистички парцели кои се помали од 350м2 максимум ќе се дозволуваат до четири станбени единици.
– Во урбанистички парцели до 420м2 ќе се одобруваат максимум шест станбени единици.
– Урбанистички парцели кои се поголеми од 420м2 ќе може да планираат максимум осум станбени единици.

Одредбите за паркирање под точка 1, 2 и 3 се однесуваат и за колективно домување односно целокупното паркирање мора да биде во објектот. Оттаму, евентуалниот простор  кој би се нашол надвор од станбениот објект во самата урбанистичка парцела, да се предвиди за зеленило и евентуално за паркирање на второ и трето возило од самите станари, како и посетителите кои доаѓаат во објектот.

skopjeinfo.mk

Претходно

Анкета: Во САД се намалува рејтингот на Бајден

Следно

Михајловски: Вардар не може во ЛШ поради ненавремено подмирување на обврските

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian