Премиерот Димитар Ковачевски по завршувањето на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Брисел, на заедничка прес конференција со Рама и Вучиќ го отфрли францускиот предлог за кревање на бугарското вето и почеток на пристапните преговори на РСМ со ЕУ.
Предлогот во ваква форма е неприфатлив за мене, за претседателот на државата, за владата, за коалициските партнери, за институциите и за граѓаните на РСМ. Да порачам дека граѓаните на РСМ треба да се спокојни. Ние секогаш ги имаме во прв план стратешките интереси и цели на државата. Никој не може без наша согласност да наметне какво било решение, дециден е Ковачевски.
Тој нагласи дека од македонска страна е направено се.
27 лидери, 27 нации, 27 земји се приклучија кон ЕУ, сите гордо се приклучија. Не бараме ние ништо повеќе од почит за лингвистичкиот, културниот и историскиот идентитет на мојот народ, рече Ковачевски.
Премиерот Ковачевски на почеток на излагањето рече дека нашата земја троши драгоцено време кое го нема на располагање.
Она што сега се случува е голем проблем и голем удар врз кредибилитетот на ЕУ зошто државата направи многу досега и донесе некои тешки одлуки и сега е време ЕУ да ги исполни своите ветувања пред да даде нови.
Тој изрази и благодарност до Макрон за посветеноста која ја даде во решавањето на проблемите кои настанаа со Бугарија во преговорите меѓу РСМ и ЕУ.
-Ние направивме се`, сега ЕУ е на потег, рече Ковачевски.