Стоматолог Илија Караманов: Први совети за родителите

3 mins read

Растот и развојот е сложен и динамичен процес, кој на родителите им причинува големо задоволство кога тој се одвива во правилна насока. Грижата за правилниот развој на орофацијалниот систем започнува уште во доеничкиот период. Самиот чин на цицање е извонреден стимулациски процес за правилно развивање на сите мускули во оваа регија, какви што се мускулите на јазикот, образите, подвиличниот предел, мекото непце и мускулите на фарингсот (голтникот). Нивниот правилен раст и развој, од друга страна, го стимулираат растот на виличните коски, кои учествуваат во физиономијата на лицето и овозможуваат правилен распоред на млечните и трајните заби.

Затоа, при хранењето, без разлика дали е со природно или вештачко млеко, положбата на бебето мора да биде физиолошка, полуисправена, да се одбегнува легната положба, сè со цел за правилно активирање на сета мускулатура на орофацијалниот систем, која треба да се развива. Мајката би требало да го посвети целото внимание и трпеливо да го сочека крајот на оброкот. При исхрана со вештачко млеко, важен е изборот на цуцла, таа треба да биде анатомска и со мал отвор за активно да се врши функцијата на цицање. Користењето на цуцла-лажливка би требало да се избегнува. Ако веќе мора да се користи, времето на користење треба да се сведе на што пократки и поретки интервали затоа што долготрајното користење создава лоша навика. Лоши навики се и цицање прст, буткање јазик и дишење на уста. Навиката цицање прст најдобро е да се прекине со тоа што како замена би се користела анатомска цуцла лажливка, но само извесен период. На тој начин би се одбегнало неконтролираното цицање прст, кое може да доведе до отворен загриз и протрузија (испакнување) на горните заби. Кај такви проблеми, потребна е долгогодишна терапија со ортодонтски апаратчиња. Доколку проблемот е настанат поради дишење на уста, покрај терапијата од стоматолог, потребна е и консултација со педијатар и оториноларинголог.

Откако ќе никнат првите запчиња, постепено треба да се воведува и соодветна поцврста храна, која ја продолжува стимулацијата на правилен раст и развој на орофацијалниот систем. Со текот на времето настанува и промена на функцијата на голтање од незрел (инфантилен) во зрел начин на голтање.

Сето горе кажано е еден многу сложен и значаен процес, на кој треба да му се посвети должното внимание од родителите, кои треба да бидат поттикнати за навремено носење на своето дете на стоматолог, со цел за правилен раст и развој, кој ќе овозможи нормална функција на џвакање, голтање, говор, како и убава детска насмевка.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Почнува повторното судење за Златна зора

Следно

Швајцарскиот воздушен простор затворен за сообраќај

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian