Никола Ѓоргиев: Се надевам на трета среќа со Финска

5 mins read

Во полуфиналето на Европската сребрена лига во одбојка, в сабота Македонија се среќава со Финска, селекција со која имаме негативен скор 0-2 во средбите од последните две европски првенства. Капитенот се надева дека во саботното полуфинале тој тренд ќе се промени, иако Финска е фаворит

Минувајќи низ тешка група македонската одбојкарска репрезентација се квалификува за фајнал-фор турнирот во Европската сребрена лига, седми пат. Финска е противникот на Македонија во полуфиналето што ќе се игра в сабота во Будимпешта, а финалето е следниот ден.

Имаме непријатни спомени од селекцијата на Финска, која ги победи црвено-жолтите на двете минати европски првенства (2019, 2021). Капитенот Никола Ѓоргиев смета дека овој тим на Финска е фаворит за освојување на златото на фајнал-фор турнирот, но се надева дека мечот што следува со Финците ќе биде „трета среќа“ за Македонија и дека сепак ќе се пласираме во финалето. Другиот полуфинален пар е Романија – Унгарија.

– Немам многу информации за овој тим на Финска. Знаеме дека е млада селекција. Двајцата примачи се оние што играа на претходното ЕП. Либерото, техничарот, двајцата центри, коректорот се нови. Треба да се проучи добро. Но штом го победија квалитетниот тим на Унгарија дома со 3-1, сигурно е дека се први фаворити на претстојниот турнир. Со нив игравме на последните две ЕП, двапати загубивме со 3-1. Во претстојниов меч се надевам на трета среќа за нас – вели Ѓоргиев, кој смета дека формата на нашиот тим е во подем.

– Формата ни е во подем. По поставувањето на Владо Милев на позицијата либеро тимот доби во сигурност и искуство. Тоа ни овозможува да бидеме порастоварени и помалку да мислиме на приемот. Успеавме да стигнеме до фајнал фор. Тоа е огромна работа, бидејќи играме со тројца нови играчи. Седма година сме на фајнал фор. Константноста е најбитна, а тоа го остваривме. Сигурно дека сме среќни поради тоа – вели Ѓоргиев.

Македонија изигра шест меча во групата Б, а Финска само два во групата А, обата со Унгарија и обата ги доби. Црено-жолтите се поисцрпени по групната фаза од противникот во полуфиналето, но и повоиграни.

– Сигурно е дека сме многу поизморени од нив, бидејќи игравме шест меча. Но и повоиграни сме. Тие одиграа само два меча, а ние шест. Се надевам дека нашата воиграност ќе не крене на повисоко ниво, ќе ги пречкаме максимално подготовени. Се надевам и на позитивен резултат – вели капитенот, кој пред стартот на Европската лига имаше напорна сезона на клупски план со АЦХ волеј Љубљана.

– Имав напорна клупска сезона на четири фронта со три титули и едно полуфинале. Изигравме 56 меча, со 55 победи и еден пораз. Физички сум исцрпен, но кога се игра за Македонија давам сто отсто. Чест ми е што играм со млади одбојкари кои можат да научат многу од нас повозрасните. Младите одлично се вклопија последите два меча ги одиграа на високо ниво и тоа ни дава надеж дека иднината на Македонија во одбојката е светла. Не знам на кое место ќе се пласираме, но сигурно дека од никого не стравуваме. Одиме како аутсајдери, но со свои амбиции – вели Ѓоргиев. Нашиот тим во ова издание на ЕЛ има нов селектор, Србинот Ратко Павличевиќ.

– Селекторот е феноменален. Кога со тројца нови играчи стигнавме до фајнал-фор, а бевме во силна група, тоа значи човекот одлично си ја знае работата. Особено сум среќен затоа што им дава шанса на младите. Тој со нив многу работи, постојано е со нив. Федерацијата направи вистински потег со изборот на селектор – вели Ѓоргиев.

Статистика

По мечевите по групи, македонските одбојкари имаат одлична индивидуална статистика. Никола Ѓоргиев е најдобар поентер во натпреварите по групи во Сребрената лига, со вкупно 148 поени на шесте средби. Филип Савовски е прв блокер во натпреварувањето со 21 поен од овој елемент, односно во просек еден на сет. Филип Деспотовски е најдобар поентер меѓу организаторите на играта. На 15 одиграни сета на пет меча тој реализираше 10 поени, со 0,33 блокади по сет, што го прави втор најдобар блокер меѓу техничарите.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Претседателот на ДУИ, Али Ахмети оствари средба со новиот амбасадор на Република Косово, Флоријан Ќехаја

Следно

„Нетфликс“ ја претвора Squid Game во реалност: 456 натпреварувачи ќе се борат за милионска награда

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian