Ковачевски ден по митингот на Мицкоски, на средба со Ахмети и помалите владини партнери

2 mins read

Премиерот Димитар Ковачевски в недела, ден по големиот митинг на ВМРО-ДПМНЕ ќе ги собере владините партнери за да ја реафирмира поддршката на владејачката коалиција, но и да го потврдат ставот дека предвремени парламентарни избори не се опција, што пак, од друга страна е главното барање на Христијан Мицкоски и најголемата опозициска партија, дознава „Слободен печат“ од извори во владината коалиција.

Според информациите, на средбата, Ковачевски ќе бара од владините партнери Али Ахмети, Африм Гаши и лидерите на помалите партии да потпишат изјава, декларација или резолуција дека коалицијата е стабилна и дека опстојуваат на ставот дека парламентарните избори ќе се одржат во редовниот термин во 2024 година. Аргументите дека не се прифатливи предвремени избори се војната во Украина, како и енергетската и економската криза, но и можноста за разрешница на ситуацијата со Бугарија и дека во такви услови Владата треба да дејствува со полн капацитет.

Според извори од владејачката коалиција, постои незадоволство кај владините партнери од премиерот Ковачевски и СДСМ кога станува збор за релациите со помалите партнери во власта, наспроти релациите на социјалдемократите и Ковачевски со албанските партнери во власта Ахмети и Гаши. Коментарите се дека од формирањето на новата Влада, Ковачевски не се сретнал со помалите владини партнери и дека во застој се повеќе проекти но и кадровски решенија кои биле договорени и кои се битни за нив, но се уште нема никаков напредок.

Според ова, очекувањата се дека на средбата Ковачевски ќе слушне забелешки и незадоволство од дел партнери за функционирањето на владината коалиција. Лидерот на ДПА Мендух Тачи во гостување на „Утрински брифинг“ најави можна средба на владините партнери в недела, но и различно видување дали се потребни предвремени парламентарни избори.

-Јас не сум за директен судир со опозицијата. Би им советувал на нашите коалициски партнери во владата да понудат предвремени избори, но опозицијата прво мора да ни одговори што ќе стори за клучните проблеми од кои едниот е блокадата на евроитеграцискиот процес – вели Тачи.

Тачи вели дека ако власта се договори со опозицијата сериозно да се разговара за евроинтеграциите и санирање на последиците од економската криза може да се разговара и за предвремени избори.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Еве зошто сите „полудеа“ по липосукциската исхрана: Се губи масното ткиво, а не водата и мускулната маса

Следно

Макрон: Киев ќе мора да седне на преговарачка маса со Москва за да се стави крај на војната

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian