Кревање на ветото кон Македонија „врел костен“ за бугарските партии

5 mins read

Македонскиот пат кон ЕУ малку веројатно би можел да се одблокира до крајот на јуни до кога е француското претседателство и состојбата да резултира со отпочнување на преговорите за членство.  Се додека македонската страна не ги прифати сите барања на официјална Софија кои во овој момент се максималистички, извесно е дека за земјава ќе остане блокадата од источниот сосед за наше европско напредување.

Ова накратко во сублимиран заклучок го тврдат нашите соговорници, кои ги прашавме дали воопшто во моментов кај источниот сосед има политички субјект кој би ја поддржал дебатата околу затворањето на прашањето со Македонија, по последните превирања со партијата на Слави Трифонов „Има таков народ“ (ИТН) која се одлучи да „стави крај“ на коалицијата на премиерот Кирил Петков.

Поранешниот премиер и до неодамна специјален пратеник на македонската влада во преговорите со Бугарија, Владо Бучковски, вели дека најнепосакувано сценарио за Македонија е во Бугарија да се одржат нови избори. Бучковски се надева дека владата на Петков ќе остане и ќе ги надмине актуелните турбуленции. Иако тој со оптимизам гледа на случувањата во соседството, според него во моментов владејачката „Продолжуваме со промената“ и Бугарската социјалистичка партија (БСП) која е помалку резервирана се единствените политички субјекти кои се залагаат за решавање на македонското прашање.

проф. д-р Владо Бучковски / Утрински брифинг

– Во оваа условно наречена ново настаната ситуација за Петков кој треба да го демонстрира мнозинството во парламентот за разговорите околу буџетот, се поставува прашање дали тој ќе има време и за Македонија. Доколку има волја за напредок ќе се најде. Додека има шанси ние ќе се обидуваме да направиме пробив, и покрај тоа што тие притискаат за нивните позиции. Се надевам дека политичките субјекти кај соседот ќе ја согледаат нашата подадена рака за компромис и ќе ги заобиколат тврдите позиции на претседателот Румен Радев – вели Бучковски.

Од друга страна поранешниот амбасадор на Македонија во Софија, Марјан Ѓорчев, го отфрла сценариото за дигање на бугарското вето до крајот на јуни. Според него бугарската декларација во Собранието го покажува политичкото единство во барањата за исполнување на нивните услови за кревање на блокада за Македонија.

Марјан Ѓорчев/Фото: Слободен печат

– Антимакедонската политика во Бугарија со години се надградува и нема никаква промена кон нас. Кај соседот нема политичка партија која би отстапила од нивната деклацрација од декемри и барањата кои се вкоренети во нивното мислење и во бугарскатото општество а тоа е дека Македонија е бугарска земја. Оттаму последните турболенции само се доказ дека западните сојузници се обидуваат да го сочуваат на власт Петков. Тој ужива голем углед кај сојузниците, во ЕУ, НАТО и сега тој добива помош со цел да се намали руското влијание во Бугарија. Но, тоа повторувам нема никаква врска со ветото и одблокирањето на нашиот европски пат – вели Ѓорчев.

Според него во бугарскиот „политички пејсаж“ малку веројатно може да се случи истиот да се смени односно да излезе партија која отворено ќе се залага за решавање на македонското прашање.

Политикологот Милан Стефановски вели дека кај источниот сосед постојат центри на моќ и политички партии и структури, кои што не гледаат со симпатии кон решавање на ова прашање. Според него кревањето на ветото кон Македонија во овој момент за бугарските партии наликува на „врел костен“ кој никој не сака да го фати. 

Политички аналитичар Милан Стефаноски

– Во таа насока морам да истакнам дека во наредниот период ќе бидеме сведоци и за натамошно одложување на решение на македонското прашање. Западната поддршка на тамошните политички субјекти за отфрлањето на руските втемелени врски во политиката ќе продолжи а тоа може да допринесе во блиска иднина да се најде политичка партија која отворено ќе се залага за затворање на македонското прашање слично како и во случајот со Грција и тамошната СИРИЗА – смета Стефановски.

Во меѓувреме потврда дека се уште немаме формален договор со Бугарија даде и шефот на македонската дипломатија Бујар Османи. Тој во гостување на ТВ 21 изјави дека за секој проблем постојат решенија и за истите се дискутира. Сепак според Османи во овој момент нашата земја нема никаков договор со Бугарија, ниту потпишан ниту усмен за дигање на ветото до крајот на месецов.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

ФОТО | Протече фотографија која е доказ дека Ким Кардашијан го уништила култниот фустан на Мерилин Монро

Следно

Навални префрлен на непозната локација, тврди негов сојузник

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian