Интервју со Ружица Милошеска – Брчиоска: Храната за мене претставува гориво за одржување и функционирање на моето тело

7 mins read

Изгледа како првиот ден кога се појави на музичката сцена, дури и подобро, а звучи позрело и помоќно од кога и да е. Омилената македонска рок-дама Ружица Милошеска-Брчиоска е своја и впечатлива во секој поглед – пеење, перформанс, стил. Заедно со бендот „Ареа“ цели 30 години се на сцена, почитувани и обожавани од сите генерации. Нивните хитови се пеат со години, се пренесуваат од генерација на генерација.

Во слатко исчекување на нивниот нов албум, овој пат со Ружица разговараме на сосема друга тема. За храната која, како што вели таа, е гориво за одржување и функционирање на нејзиното тело.

Ружица Милошеска – Брчиоска/Фото: Приватна архива

Како го започнувате денот, што јадете наутро или немате навика да појадувате?

– Денот го започнувам со црно турско кафе, кое сакам да го испијам во мир, најчесто сама. Така си ги средувам мислите и впечатоците во мојата глава, правам планови за денот што започнува. Појадокот следува нешто подоцна, односно кога ќе почувствувам дека ми е потребен и немам баш точен тајминг за него, односно не мора по секоја цена да биде во исто време. Појадокот некогаш е лесен, а понекогаш може да биде и пообилен, во зависност од тоа како се чувствувам, немам правила ниту за тоа што ќе јадам, едноставно се трудам да си го почувствувам организмот и она што му е потребно. Кога сум на работа, најчесто тоа се некакви печива од блиските бурекчилници што даваат енергија, а кога сум дома се случува да поминам и само со овошје или овошно смути, понекогаш тоа се овесни снегулки со јогурт или леб со путер и мед.

Од што се состои Вашата исхрана, дали се храните здраво или, пак, не можете да им одолеете на убавите, но калорични јадења и деликатеси?

– Во текот на мојот живот научив да бидам одмерена во исхраната, да не претерувам со ништо и сметам дека тоа е важно, како за константно одржување на телесната тежина така и за здравјето. Вегетаријанец сум и, секако, се трудам исхраната да ми биде што поздрава, да изобилува со овошје, зеленчук, житарки, мешункасти растенија и јаткасти плодови кои содржат растителни влакна, но понекогаш знам и да си дозволам калорични слатки деликатеси.

Дали некогаш сте држеле диета, дали генерално практикувате диети? Какво мислење имате за диетите?

– Во младоста честопати се поправав поради моето неодмерено јадење слатка храна што ја обожавав и потоа морав да држам диета за да ја повратам линијата, но сега, како што веќе кажав, научив со одмерена исхрана и движење да ја одржувам тежината. За диетите и не можам многу да кажам бидејќи не сум држела диета по некој посебен рецепт, за мене диета е намалување на количеството внесена храна во организмот и сметам дека тоа е доволно за да се ослабне.

Како ја одржувате линијата и дали спортувате односно колку сте физички активна?

– Јас сум во суштина спортски тип, во средно училиште тренирав кошарка, гимнастика и се натпреварував во атлетски дисциплини. Потоа престанав со тренинзи, но сепак до ден-денес останав динамична, така што иако не вежбам, не можам да си го замислам денот без движење, а најчесто тоа е пешачењето.

Имате ли некој трик или совет за мотивација за физичка активност и правилна исхрана?

– Одете во природа, дишете чист воздух, отпуштете ги негативните мисли, движете се, вежбајте и намалете го количеството на месо во исхраната. Тоа јас би советувала.

Што претставува за Вас храната, како ја доживувате?

– Храната за мене претставува гориво за одржување и функционирање на моето тело.

Што најмногу обожавате да јадете, дали имате омилена и неомилена храна, односно јадење?

– Најмногу обожавам да јадам тестенини и тоа сите видови шпагети, лазањи, тортелини и тоа зготвени со сосови од разни зеленчуци, сакам палачинки, обожавам бадеми, лешници, кикирики и ореви и слатки специјалитети со нив. Не сакам да јадам соја, не ги сакам по вкус индиските ореви, а не можам да го поднесам мирисот на чкембе-чорба (се смее).

Фото: Приватна архива

Дали постои храна што ви пречи, која храна ја избегнувате?

– Како што кажав, вегетаријанец сум, јадам сè освен месо, значи јадам и производи од животинско потекло какви што се сирење, кашкавал и млечни производи, а целосно ги избегнувам производите како што е, на пример, растителен кашкавал. Ми се чини дека тоа е потполна синтетика.

Имате ли некој ритуал при јадењето?

– Ритуал немам, освен што сум свесна дека треба да си смирен кога го земаш оброкот, дека така најдобро храната ќе се апсорбира, па пред да почнам со јадење, пробувам да се смирам. Оттука и ми е јасно од каде е произлезено она молитвата „Оче наш“ да се каже пред да се почне со јадење.

Ружица ни носи рецепт кој мора да го пробате.

Вегански плескавици со прилог рестуван компир (за две лица)

Фото: Приватна архива

За плескавиците:

– 1 кутија смеса за вегански плескавици (јас користам Soligrano Vege Burger)
– 1 помала главица кромид
– 1 тиквичка (средна големина)
– 1 јајце
– Црвен пипер, сол, бибер, лук во прав, босилек

Подготовка:

Најпрво смесата за вегански плескавици се полива со 230 мл топла вода загреана на 80 степени Целзиусови (според рецептот на кутијата) и се меша додека не се добие глатка смеса.

Се остава да отстои 15 минути. За тоа време кромидот се пропржува во загреана тава со маслиново масло, се додава изренданата тиквичка и зачините според вкус. Сето тоа се пржи 15 минути на тивок оган. Во смесата за вегански плескавици се додава 1 изматено јајце, се промешува, а потоа се додаваат испржениот кромид и тиквичката.

Сè убаво се измешува и се формираат плескавици, кои потоа се пржат во тава со загреано маслиново масло на тивок оган, додека не добијат румена боја, по околу 2 минути на секоја страна од плескавицата.

 

www.slobodenpecat.mk

Претходно

ГЕРБ со иницијатива за гласање недоверба на владата на Кирил Петков

Следно

Маричиќ се сретна со Вархељи: Времето до самитот да се искористи за решение со Бугарија

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian