Аргентинскиот репрезентативец Пауло Дибала успеа да најде заеднички јазик со екипата на Интер и од официјализација на соработката ги дели само потпис на договорот, пренесуваат италијанските медиуми.
Откако одлучи да не потпише нов договор со Јувентус и да стане слободен играч, Дибала доби неколку понуди од англиски екипи како и од ПСЖ и Барселона, но Аргентинецот одлучи да остане во Серија А и од следната сезона да го носи дресот на најголемиот ривал на „старата дама“, Интер.
Италијанските медиуми пишуваат дека Дибала ги договорил сите детали со „нераѕурите“ и наскоро ќе потпише четиригодишен договор според кој ќе заработува по шест милиони евра по сезона плус бонуси.
Дибала кариерата ја започна во аргентинскиот тим Институто, а во 2012 година се сели во Палермо. Во тимот од Сицилија играше три сезони по што за 42 милиони евра преминува во Јувентус за кого одигра 210 натпревари во Серија А и постигна 82 гола.