Ковачевски – Ердоган: С Македонија и Турција продолжуваат со одлична билатерална и економска соработка

3 mins read

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски денеска на средбата во Истанбул со претседателот на Република Турција Реџеп Таип Ердоган заеднички ги констатирале традиционално добрите и пријателски релации помеѓу двете држави, кои оваа година одбележуваат 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи.

Како што соопшти владината прес-служба, на средбата со шефот на турската држава, на која присуствуваа и министерите за надворешни работи Бујар Османи, за одбрана Славјанка Петровска и за внатрешни работи Оливер Спасовски, премиерот Ковачевски го изрази задоволството од споделувањето исти цели за безбедноста и стабилноста во регионот за што клучни фактори се добрососедски односи и регионална соработка, со фокус на економската соработка и подобрување на инфраструктурната поврзаност.

Односите меѓу двете земји, истакнаа на средбата Ковачевски и Ердоган, се одлични во полето на економската соработка.

-Трговската размена со Турција е во постојан пораст и од осмото место во 2020 година, во првите три месеци од 2022 година оваа земја го зазеде шестото место на листата најзначајни трговски партнери на Северна Македонија, се наведува во соопштението.

На средбата, се додава, беше потенцирано дека очекувањата се годинешната трговска размена од 900 милиони долари, да достигне една милијарда долари и да обезбеди продлабочување на економската соработка меѓу двете земји. Според вкупните инвестиции од Турција во нашата земја таа е во редот на првите пет земји по вкупниот прилив на странски инвестиции.

Премиерот Ковачевски му се заблагодари на претседателот Ердоган за поддршката во процесот на пристапувањето на Северна Македонија во НАТО, која, се наведува, од аспект на актуелната геополитичка ситуација со руската воена агресија во Украина се покажа како драгоцена придобивка за сигурноста и безбедноста на земјата и на регионот.

Северна Македонија и Турција, потенцираа во меѓусебниот разговор Ковачевски и Ердоган, ја продолжуваат исклучително добрата соработката меѓу министерства за одбрана на двете земји во однос на модернизацијата на Армијата на Северна Македонија, како и во областа на воената обука и едукацијата, но и заедничкото учество во мировни операции и вежби.

Премиерот Ковачевски му упати покана на претседателот Ердоган да ја посети нашата земја, како продолжение на сите други посети на високо ниво и за охрабрување на бројните проекти што се преземени за дополнително унапредување на односите меѓу Северна Македонија и Турција, стои во соопштението од прес-службата на Владата.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

ФОТО | Сите очи вперени во неа: Шерон Стоун на црвениот тепих во поинакво модно издание

Следно

Пекинг тестира милиони луѓе, изолира илјадници поради група заразена со Ковид во бар

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian