Британската Влада ќе предложи измени што може да доведат до тровска војна со ЕУ

2 mins read

Владата на Велика Британија денеска ќе предложи закон со што еднострано ќе се укинат правилата за трговија со Северна Ирска, воведени по Брегзит. Но, со тоа можеби ќе започне трговска војна со Европската Унија.

Според Лондон, предност и понатаму има договорот со ЕУ за реформата „Северноирскиот протокол“.

Но, во отсуство на договор преку дијалог, законот би стапил на сила за да ги замени одредбите од британскиот договор за повлекување од ЕУ. Со тоа, британската Влада тврди дека не го прекршува меѓународното право.

Британскиот министер за Северна Ирска, Брендон Левис изјави дека протоколот ја нарушува трговијата и оти ја загрозил работата на властите во покраината, поради отпорот на унионисти.

– Затоа, правилно е тоа да го поправиме, истакна Левис.

Потребата да се заштити мировниот договор од 1998 година во Северна Ирска, како што Левис нагласи, има „примат“ над протоколот.

Тој ги отфрли заканите на поединци од ЕУ дека едностраните промени може да поттикнат суспензија на поширок трговски договор, договорен во рамки на повлекувањето на земјата од Европската Унија, што би довело до санкции и царини против Велика Британија.

Земјата тешко може да си дозволи трговска војна, во период кога нејзините граѓани се борат со најлошата инфлациска криза во една генерација.

– Сметам дека таквите пораки навистина се бескорисни, додаде министерот.

Тој укажа на потребата, Велика Британија и ЕУ заедно да дејствуваат против руската инвазија на Украина.

Меѓутоа, во ЕУ трпението кон тактиките на премиерот Борис Џонсон е сè помало, според ирската Влада.

Ирската националистичка партија Шин Фејн вчера го обвини Џонсон за жртвување на стабилноста во Северна Ирска поради сопствен опстанок, откако тој тесно ја доби довербата на конзервативците.

Според британската опозициска Лабуристичка партија, Владата нема основа да тврди дека нејзиното решавање на спорот е законско.

kurir.mk

Претходно

Ве мачат валунзи, жештини? Еве како да си помогнете

Следно

Костадиновска-Стојчевска: Потребен ни е македонски културно-информативен центар во срцето на Европа

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian