Блокадата на ВМРО-ДПМНЕ надградена со уцена: Или предвремени избори или нема нов Изборен законик

5 mins read

Прво датум за избори, па работна група за нов Изборен законик. Изборниот законик се носи со консензус, се надевам дека нема да кројат нови изборни правила без најголемата опозициска партија, вели за „Слободен печат“ Никола Мицевски, шеф на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

ВМРО-ДПМНЕ го блокира формирањето на работната група за новиот Изборен законик, најавена од министерот за правда Никола Тупанчевски, потврдуваат за „Слободен печат“ од најголемата опозициска партија и од Министерството за правда.

Министерот Тупанчевски мораше по вторпат да го одолжи рокот за формирањето на ова тело, со надеж дека најголемата опозициска партија ќе номинира свој член, откако ВМРО-ДПМНЕ излезе со нов услов – прво премиерот Димитар Ковачевски и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски да договорат датум за предвремени парламентарни избори, а потоа да се комплетира работната група.

Досега се одлучувало со најголем можен консензус

Со оглед на досегашната практика, измените на изборната регулатива секогаш да се носат со најголем можен консензус, по ова барање тешко дека ќе профункционира работната група и дека ќе бидат регулирани новите изборни правила.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека нема да предложат свој претставник во работната група додека премиерот Ковачевски не седне на маса со Мицкоски за да договорат датум за парламентарни избори.

– Прво датум за избори, па работна група за нов Изборен законик. Изборниот законик се носи со консензус, се надевам дека нема да кројат нови изборни правила без најголемата опозициска партија – изјави за „Слободен печат“ Никола Мицевски, шеф на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Пред повеќе од еден месец, кога Тупанчевски го најави формирањето на работната група за Изборниот законик, лидерот на опозициската партија Мицкоски овој чин го условуваше со гласање на една изборна единица.

– Еве, ние како ВМРО-ДПМНЕ велиме едноставно, ајде во Собранието да усвоиме една изборна единица, гласот на граѓанинот секаде да тежи еднакво, а потоа нема проблем, ќе составиме работна група што заедно со Тупанчевски ќе работи на измените на Изборниот законик и препораките на ОБСЕ/ОДИХР – рече тогаш Мицкоски.

И Беса номинирала свој член

Од Министерството за правда велат дека за формирање на работната група, се чека само на претставник од ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи по недоразбирањето со поканата, и Беса номинирала свој член.

– Министерот до крајот на неделава го пролонгира рокот и се чека само уште ВМРО-ДПМНЕ да делегира претставник во работната група. Паралелно се разговара и со експерти што ќе ја предводат работната група – велат од Министерството за правда.

Оттаму не одговорија дали Тупанчевски ќе пресече и без ВМРО-ДПМНЕ ќе ја стави во функција работната група. Од Министерството велат дека сè ќе биде појасно наредната недела.

Ако се формира работната група, можно е таа да биде предводена од двајца експерти. Дознаваме дека досега за таа цел било разговарано со стручни лица од Правниот факултет. Во работната група може да биде вклучен и странски експерт.

Тупанчевски неодамна во телевизиско гостување изјави дека е оптимист дека работната група ќе се формира бидејќи, како што рече, тоа е најдобриот начин партиите да ги артикулираат сопствените ставови, а претставниците во работната група ќе се обидат да го најдат оптималното решение за македонски околности.

– Ќе разговарам со лидерите, затоа што тоа е првична идеја, но ќе биде и реализирана затоа што веќе е разговарано со неколку луѓе што би требало да ја предводат таа работна група, а ќе бидат од непартиски блок – рече Тупанчевски, посочувајќи дека станува збор за непартиски луѓе, чија потесна специјалност е изборното право и изборните системи.

Новиот законик не мора да значи и нов изборен модел

Изготвувањето нов Изборен законик, министерот го најави пред повеќе од еден месец. Тогаш тој рече дека во новиот Изборен законик ќе бидат вклучени забелешките на ОБСЕ и ОДИХР, а ќе биде земен предвид и предлогот за една изборна единица.

Тупанчевски не прецизира дали новиот Изборен законик ќе значи и промена на изборниот модел, барање што како услов за поддршка на Владата го истакнаа помалите коалициски партнери.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

ФОТО | Кој го плаќа? Амбер Херд нема ниту цент, а лета со приватен авион!

Следно

Макрон повика на зајакнување на европската одбранбена индустрија

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian