Што прави денеска: Зоран Кардула, графички дизајнер и сликар

3 mins read

Зоран Кардула е македонски графички дизајнер и сликар родум од Крушево. Иако е дипломиран електроинженер, веќе со години се занимава со графички дизајн, а паралелно е посветен и на сликарството.

„Уметноста секогаш ми била во прв план иако се одлучив за Електро и не жалам за тоа, одличен факултет…Сепак љубовта кон уметноста беше пресудна да се занимавам со графички дизајн и еве над 25 години тоа е моја професија, а неколку години веќе работам како фриленсер“, ни раскажува тој.

Зоран Кардула
Зоран Кардула / Фото: Приватна архива

Кардула учествувал на многубројни конкурси, меѓу кои и на конкурс за дизајн на накит за „Swarovski“ и „INYO“, каде бил и финалист.

Пред неколку години Кардула имаше изложба на постери на тема „Soviet Neo-Constructivist Propaganda“ во Минеаполис, САД . Во Рим, Италија ја претставил „Изложба без жири“, поставка на 40 негови дела кои биле редизајн на симболите кои ја одбележале социјалистичката ера на поранешна Југославија. Изложбата била дел од настанот насловен „Мондо екс“, омаж на големиот европски интелектуалец Предраг Матвејевиќ, по повод една година од неговата смрт.

Зоран Кардула
Зоран Кардула / Фото: Приватна архива

Во 2017 година ја издаде и книгата, „Гуш и Бац” создадена од зборовите на неговата ќерка Ерато. Книгата содржи измислени 47 зборови на Ерато, преведени на 19 јазици, како и 47 илустрации на нејзините зборови создадени од 33 креативци.

Го прашавме Зоран како приближно изгледа еден негов ден, па еве што ни откри тој.

„Денот ми започнува околу 7 часот и спремањето на Ерато за на училиште, шетање на Титки (нашето куче), а после следува појадок кој никогаш не го прескокнувам и обавезно кафе. Слободно можам да кажам дека сум зависник од истото.

Зоран Кардула
Зоран Кардула / Фото: Приватна архива

Обично половина час со доручекот ги прелистувам социјалните мрежи и обавезно постирам некоја илустрација поврзана со тој ден или нешто ново што сум направил. Тоа ми е некако рутина која ја правам пред да почнам да работам.

Времето сега е убаво па работам на тераса што е голем бенефит со оглед дека работам од дома. Со порегледување на мејлот ја започнувам работата. Секогаш гледам времето да ми е поделено на работа за клиенти и илустрирање за мој ќејф. Со ваков баланс многу полесно се завршуваат работите и поголемо е задоволство. Планирањето на работата е нешто што го практикувам и мислам дека тоа сигурно е влијание од моите студии. Со оглед дека работам од дома немам работно време и често се случува да заглавам до доцна навечер.

После пандемијата на коронавирусот почнуваме пополека да се враќаме на рутината навечер да излеземе со сопругата и пријателите на една пијачка иако морам да признам после толку време изолација отпорот за излегување уште ми е голем“.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Бериша најави масовни протести: Рама полош од Енвер Хоџа

Следно

СТРАШНИ БРОЈКИ: Најмалку 287 деца се убиени во Украина, а 492 се ранети

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian