По 20 години конечно ја пронашол својата биолошка мајка: Сфатиле дека работат во иста болница

3 mins read

Пo повеќе од две децении потрага, еден млад човек од американската сојузна држава Јута ја пронашол својата биолошка мајка.

21-годишниот Бенџамин Хулберг пред неколку месеци на социјалната мрежа „Фејсбук“ напишал дека се обидува да ја пронајде својата биолошка мајка и дека контактирал со агенции за посвојување, направил ДНК тестови и се запишал во регистарот на посвоени, но дека сето тоа било неуспешно.

Потоа добил порака од Холи Ширер која му го честитала роденденот. Бидејќи не се познавале, 36-годишната Ширер му објаснила дека пред 20 години ја донела „најтешката одлука во животот и го дала своето прекрасно бебе на посвојување“.

„Секогаш мислев на него. Особено на празници или на неговиот роденден, тоа секогаш беше бура од емоции“, изјави Холи за „Good Morning, America“.

Таа го родила Бенџамин како тинејџерка, а првите неколку години одржувала контакт со Анџела и Брајан Хулберг, кои го посвоиле Бенџамин. Сепак, тие изгубиле контакт во 2004 година, кога се затворила агенцијата преку која посредувале за посвојувањето.

Работеле во истата болница

Холи за медиумите изјави дека конечно го пронашла на социјалните мрежи, кога Бенџамин имал 18 години. Таа призна дека се двоумела дали да стапи во контакт со него.

„Толку многу работи му се случуваа во животот во тоа време… Последното нешто што сакав беше да го вознемирувам. Така што, некое време само го гледав од далечина“, изјави таа.

Бенџамин, пак, вели дека точно се сеќава на моментот кога ја примил нејзината порака со објаснување. Тој реагирал многу емотивно.

„Се расплакав. Сите емоции беа позитивни. Тоа беше денот кој го чекав 20 години и беше неверојатно кога сфатив дека ова навистина се случува“, истакна тој.

Тие се сретнале следниот ден, а со нив биле и нивните семејства. Холи раскажа дека прво ги запознала Анџела и Брајан и дека Бенџамин дошол по неколку минути.

„Ме допре по рамо и веднаш ме преплави радост. Се гушкавме и плачевме пет минути, не можев да поверувам дека тоа се случува“, раскажа среќната мајка.

Во разговорот сфатиле дека всушност не биле толку оддалечени еден од друг. Имено, Холи е вработена во болница во Солт Лејк Сити, а Бенџамин изминатите две години волонтирал во истата таа болница.

„Секој ден поминував покрај одделот каде што тој волонтираше. Се паркиравме во иста гаража, можеби на истиот кат, немав поим дека всушност сме толку блиску“, рекла Холи Ширер.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Полувреме: Фудбалерите го газат Гибралтар, покер голови за 45 минути

Следно

Столтенберг вели дека загриженоста на Турција за безбедноста е легитимна

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian