Парада на гордоста во Скопје: На 25 јуни, излези за љубов, достоинство, еднаквост и правда

5 mins read

Националната мрежа против хомофобија и трансфобија одржа прес-конференција посветена на овогодишното издание на „Скопје прајд“, кое ќе се одржи на 25 јуни 2022 година под мотото „Излези за љубов! Достоинство. Еднаквост. Правда.“.

За разлика од претходните две паради на гордоста, годинава времето на одржување се поместува во попладневните часови. Почетната точка, како и досега, ќе биде во паркот „Жена-борец“, каде во 17 часот ќе започне собирањето на учесниците, а во 19 часот по кратките поздравни говори ќе започне протестниот марш по скопските улици и ќе заврши со културно-забавна програма на стадионот на АРМ во Градскиот парк.

„Зошто повикуваме да се излезе за љубов? Затоа што во време на криза, војна и сиромаштија, лесно се заборава на љубовта, а омразата уште полесно ги окупира мислите и срцата на луѓето. Затоа што само со љубов можеме да се спротивставиме на насилството на кое различните се подложени и тогаш кога за сите други владее мирот. Затоа што никој не смее да биде лишен од правото да љуби или, пак, да биде прогонуван поради тоа што нивната љубов не е признаена со норми и закони. Затоа што љубовта мора да победи“ – изјави на Катерина Иванова за темата на годинешниот „Скопје прајд“.

Стефан Петровски се осврна на барањата за достоинство, еднаквост и правда: „Во нашата држава и натаму се гази по достоинството на ЛГБТ+ луѓето – постојано се мета на омаловажување, дехуманизирање и говор на омраза во јавниот и политичкиот дискурс. Имаат отежнат пристап до остварувањето на човековите права, нивните гласови и потреби често се занемарени во креирањето на политиките, а конзервативно скроената национална легислатива ги доведува во нееднаква подредена позиција наспроти нивните хетеросексуални цисродови сограѓани. Предметите за документираните злосторства од омраза кон нив се заглавени во умствените и правните лавиринти на обвинителството, а трендот на неказнивост на сторителите на насилство го нормализира и охрабрува таквото однесување. Правдата ќе биде задоволена тогаш кога еднаквоста ќе стане реалност, а човековото достоинство – нормативен концепт“.

Фото: Национална мрежа против хомофобија и трансфобија

Потребата од одржување паради на гордоста ја образложи Кочо Андоновски: „Многу нешта, во многу земји, се променија од првиот „Прајд“ одржан 1970 година во Њујорк. Но, напредокот на полето на правата на ЛГБТ+ луѓето не е изедначен, ниту пак е доволен, а постојано е соочен со напади од сили кои се противат на универзалните човекови права. Токму затоа, Прајдот останува важна форма на протест на ЛГБТ+ заедницата против стигмата, предрасудите и насилството. Прајдот е крик во име на милионите луѓе соочени со социјално исклучување, нарушена телесна автономија и ограничен пристап до услуги кои се достапни за сите останати. Скопје Прајд, како и другите паради на гордоста, е празник на љубовта, ден на видливоста на маргинализираните и, секако, повод за славење на жилавоста на нашата борба за еднаквост“.

Парадите на гордоста во светот важат за проверен и докажан рецепт за добри забави и дружби за паметење. Скопје Прајд 2022, според организаторите, ќе понуди богата културно-забавна програма, со музички настапи во живо, настапи на дрег кралици од земјата и регионот и DJ-сетови. И годинава, традиционално, програмата ќе ја отвори македонската претставничка на Евровизија, Андреа, а ќе настапи и нашата поп-дива и оперска пејачка Наде Талевска – Спасовска.

„На „Скопје прајд“ ги славиме сексуалниот и родовиот диверзитет и ја промовираме квир културата. Па така, и овој „Прајд“ сигурно ќе биде уникатно искуство, за што, меѓу другите, ќе се погрижат фантастичното трио дрег кралици од соседна Србија, Alex Elektra, Dita Von Bill и Lana Vee, од преку океанот, од Њујорк (САД) ни доаѓа уште една дива, Ronda Vu, додека од нашата земја ги имаме нејзиното дрег височество Divon Jane, и другарката Linda Socialista која е решена да го уништи патријархатот со нежно треперење на нејзините лажни трепки“, додаде Иванова осврнувајќи се на програмата во која се вбројуваат и диџеј-сетови на диџеј Андреј Мицајков, диџеј Јана Тодоровска, диџеј Мартина Пенева и диџеј Џинџер.

Програмата на стадионот на АРМ ќе започне во 20:30 и ќе трае до 01:00 часот.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

ФОТО | Бритни Спирс се омажи по третпат: На гламурозната венчавка беа Мадона, Донатела Версаче, Селена Гомез…

Следно

ВИДЕО: Над 800 килограми кокаин пронајдени во кутии со банани во супермаркети во Чешка

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian