Најбогата партија во Европа ќе стане најсиромашна

6 mins read

Јавното обвинителство во провостепена судска постапка во предметот „Талир-2“ успеа да докаже дека најбогатата партија во ЕУ, македонската ВМРО-ДПМНЕ, големиот и многу вреден имот, кој е купен од 2009 до 2015 година, го стекнала незаконски. Во овој предмет се осудени поранешниот премиер Никола Груевски (некогашен лидер на партијата) и поранешниот партиски генерален секретар Кирил Божиновски.

Тие беа прогласени за виновни за незаконска изградба на големото партиско седиште на ВМРО-ДПМНЕ бидејќи незаконски наплатиле пари од скопската фирма „Бетон“, со чии пари купиле недвижен имот низ земјава. Двајцата со злоупотреба на положба за партијата ВМРО-ДПМНЕ прибавиле и објект вреден 7 милиони евра. Доколку пресудата стане правосилна, конфискуваниот имот ќе стане сопственост на Владата на Македонија, а со него ќе стопанисува владината Служба за општи и заеднички работи (СОЗР). Според сегашната пазарна вредност, станува збор за имот вреден повеќе од 10 милиони евра.

Во пресудата е посочено дека скопската фирма „Бетон“ не смеела да влезе во партнерство со ВМРО-ДПМНЕ бидејќи во 2011 и во 2012 година, пред да почне постапката за градење на објектот на местото на старата „Жолта куќа“, градежната компанија дури 75 отсто од приходите ги добила од државни тендери, со што се прекршени Законот за политичките партии, Законот за финансирање на политичките партии и Законот за облигационите односи.

Долг список имоти за конфискување

На списокот за конфискување се триесетина партиски штабови на ВМРО-ДПМНЕ во Велес, Кавадарци, Кисела Вода, Штип, Карбинци, Радовиш, Виница, Охрид, Пехчево, Демир Хисар, Лозово, Делчево, Кочани, Струга, Нов Дојран, Петровец, Гевгелија, Богданци, Градско, Каменица, Теарце и Новаци. Најголемата куќа што партијата ја купила се наоѓа во Битола и има над 300 квадратни метри, а најголемиот стан е во Скопје со 193 квадратни метри. Додека јавноста шпекулираше дека имотот на ВМРО-ДПМНЕ вреди над 50 милиони евра, од партијата истакнаа дека тој не вреди ни 10 милиони евра. Во јануари 2018 година ВМРО-ДПМНЕ продал еден стан во Кисела Вода во вредност од 100 илјади евра. Партијата има имот во сите градови, но и во помалите општини и села.

Највреден имот е седиштето на партијата, популарно наречената „Бела палата“ каде што, според катастарот, има деловен простор од 3.816 квадратни метри и земјиште од 1.240 квадратни метри. Парцелата на која се наоѓа сегашното седиште партијата е купена од Министерството за транспорт и врски, со кое во тој период раководеше Миле Јанакиески, за вкупно 132.000 евра, или по 110 евра за квадратен метар. Според пресудата, ВМРО-ДПМНЕ, која тука порано го имаше седиштето, во т.н. „Жолта куќа“ имала сопственост на 200 метри квадратни, а во 2009 година, по измените на Деталниот урбанистички план (ДУП), си докупила уште приближно 1.200 квадрати.

Пресудата, дефокус или правда?

ВМРО-ДПМНЕ реагираше на судската пресуда со обвинување дека пресудата за одземање на штабовите е „диктирана од СДСМ и е дефокус од поскапувањата и грабежот на народот“.

„Пресудата за ‘Талир-2’ е дефокус од животот во национална катастрофа, поскапувања и грабеж, кој се прави на народот. Обвинителството и судот се продолжена рака на СДСМ. Пресудата во случајот е предвреме напишана“, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

За СДСМ, пресудата за предметот „Талир-2“ е победа на правдата врз најголемите корупциски скандали на ВМРО-ДПМНЕ.

„Во овој предмет осуден е криминалецот во бегство, поранешниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, а судот донесе одлука да се заплени ‘Белиот дворец’ и уште триесетина имоти на ВМРО-ДПМНЕ“, се вели во соопштението од СДСМ.

Од партијата додаваат дека по правосилноста на пресудата, „Белиот дворец“ треба да се продаде и парите да се вратат онаму каде што припаѓаат, кај оние од кои се одземени, а тоа е се граѓаните.

Пресудата за „Талир-2“ е само потврда на она што со години сите се сомневаа, она што и меѓународни организации го пишуваа дека ВМРО-ДПМНЕ е најбогата партија во Европа, порача потпретседателот на СДСМ Стефан Богоев.

– Овој случај само ги потврди сомневањата што постоеја со години, дека ВМРО-ДПМНЕ незаконски се стекнала со имот и тоа не само со „Белиот дворец“, туку и со простори во дваесетина градови низ земјава. Сите дознавме дека во тој бел дворец има камин од 20.000 евра, плочки од 100.000 евра, дека е луксузно опремен – изјави Богоев.

Според адвокатот Мирослав Вуиќ, конфискација на имот по судска постапка не е преседан.

– Имот за кој во судска постапка е докажано дека нелегално е стекнат, според законот, мора да се одземе. Овде политичката партија, односно нејзиното седиште, е наводно финансирано со нелегално стекнат имот, односно со нелегални пари, кои не можеле на друг начин да ги стекнат, односно да ги добијат по пат на донации – вели адвокатот Вуиќ.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

ФОТО | Се омажи помалата сестра на Натали Грубовиќ: Во светкав фустан и балетанки

Следно

Кривични пријави против четворица скопјани за сторени 30 кривични дела

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian