Лига на нациите: Македонија и Грузија во дуел за првото место

4 mins read

„Рисовите“ вечерва во Скопје ја пречекуваат Грузија во третото коло од Лигата Ц, група 4 и со победа ќе го преземат првото место од гостите. Грузија е во подем на формата, ова ќе биде досега најтежок и најважен меч за Македонија сезонава во ЛН

Само победа е во мислите на македонската репрезентација пред денешниот меч со Грузија во рамките на третото коло на Лигата на нациите. Победа ќе ја искачи Македонија на првото место во групата и ќе значи значителна предност во понатамошниот тек на Лигата Ц. Грузија е досега најсериозниот протвник на „рисовите“ во ова издание на ЛН.

Грузијците се на првото место, а во Скопје ќе играат крајно мотивирано, по двете убедливи победи во првите две кола. Грузија во првото коло го совлада Гибралтар (0-4), а во второто ја прегази Бугарија (2-5). Тимот на селекторот Вили Сањол е повеќе од желен да ја продолжи импресивната серија од шест победи и едно реми во последните седум меча во исте натпреварувања.

Во нашиот тим се свесни дека мечот против напаѓачки настроената Грузија ќе биде потежок предизвик од првите две кола, иако е прв сезонава во ЛН што го играат на домашен терен, на арената „Тоше Проески“ (20.15 ч.).

Грузија во првите два меча постигна дури девет гола, а прими само два, па јасно е дека селекторот Благоја Милевски ќе мора да најде делотворен баланс да го неутрализира нападот на полетните Грузијци, а од друга страна нашиот напад да биде ефикасен. Грузија на последните пет меча пред гостувањето во Бугарија, нема примено ниеден гол. Напаѓачот Милан Ристовски очекува тежок и борбен натпревар и победа на Македонија.

Го покажавме нашиот квалитет на првите два натпревари. Сметам дека можеме многу повеќе и тоа ќе го покажаме на следниот натпревар против Грузија. Двете победи се од големо значење за самодовербата на Грузија и сигурно дека тоа ќе биде тежок натпревар бидејќи тие ќе дојдат мотивирани да се борат против нас за првото место. Меѓутоа ние веруваме во себе и во замислата на селекторот. Ќе покажеме желба и борба и ќе дадеме се од себе – смета Ристовски, кој го постигна голот кај Бугарија.

Македонија во првото коло играше 1-1 кај Бугарија, а во второто ја забележа првата победа во групата со 2-0 кај Гибралтар.

Најголема опасност за голот на Македонија, кој ќе го брани Столе Димитриевски, ќе доаѓа од младиот Квича Кваратсхелија (21) кој е нов играч на Наполи, и од ветеранот Валери Казаишвили (29). Обајцата постигнаа голови првите две кола.

Македонија и Грузија досега играле трипати, сите три меча во минатото издание на Лигата на нациите. Двата меча во групата завршија 1-1, а Македонија победи во Тбилиси во најважниот меч, финалето на плејофот (1-0) кој ги одведе „рисовите“ на ЕП 2020.

Првото место во групата носи пласман еден ранг погоре, во Лигата Б, како и место во плејофот за пласман на Европското првенство во 2024. Во јунскиот циклус Македонија треба да игра уште и со Гибралтар дома на 12 јуни. Натпреварите во групата ни завршуваат во семтември со мечевите со Грузија и со Бугарија.

Лига на нациите (Ц), група четири, трето коло, денеска: Македонија – Грузија, Гибралтар – Бугарија. Табела: Грузија 6, Македонија 4, Бугарија 1, Гибралтар 0.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Се преврте автомобил кај МАНУ

Следно

Што прави денеска: Атанас Атанасовски, актер

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian