Што прави денеска: Татјана Алексиќ, професорка по македонски јазик и литература

5 mins read

Татјана Алексиќ, професорка по македонски јазик и литература во скопската гимназија „Раде Јовчевски-Корчагин“, по многу нешта отскокнува од шаблоните, поради што и учениците ја обожаваат. За неа може слободно да се каже дека е пример на своите ученици. Инаку, пошироката јавност ја запозна Татјана преку ТВ-емисијата „Сексуална азбука“, што се емитуваше пред повеќе од 10 години. Непосредна, негувана, со одлична смисла за хумор…

Фото: Приватна архива

Како изгледа едно деноноќие на Татјана?

– Денот почнува со утрото по кое ништо не може да се препознае ниту предвиди. Полесно ни е да мислиме дека по утрото денот се познава, но тоа е фигуративно. Убавината на животот е неговата непредвидливост, инаку секојдневието би било едно рутинско клише и патетично повторување на старите навики.

Фото: Мики Трајковски-Манца

Рутински станувам во 6:20 часот за да стасам навреме во „Корчагин“ кога сум прва смена, но остатокот од денот никогаш не може да биде ист како претходниот. На пример, животот во заедница е исклучително динамичен, не знаеш кој може да влезе пред тебе во тоалет и да ти ја наруши предвидената минутажа да фатиш 7-ка или 15-ка од Карпош 3 до „Корчагин“, за да се напиеш едно ритуално „три во едно“ кафе за „очајни домаќинки“. Се возам со автобус од 2011 година, најнепредвидливото возење низ градот – не знаеш кога автобусот може нагло да закочи, да му се прегрее моторот во лето или да замрзне зиме, со кого ќе се возиш и ќе слушаш неартикулирани крикови или туѓи приказни. Автобусите се комуникативни превозни средства, како цел свет да ти е во скут. Во животот по ништо и никого не сум трчала освен по автобус – спонтано одржување килажа.

Фото: Приватна архива

Училницата и учителствувањето се нештата што имаат своја неповторливост, без оглед што предаваш ист материјал, задолжителен според годишната програма. Но никогаш не е ист, во еден клас почнуваш со Кочо Рацин и завршуваш со Хари Потер, во друг почнуваш со ,„до кај застанавме“, а веќе си ја завршил наставната единица. Најубавата работа со која можев да си го осмислам професионалниот живот е учителската. Потоа се оние останати изборни аматерски ангажмани со драмските секции и мјузикли, цртање на стакло и свила, па попатни медиумски акробации за преживување, спорадично играње со рекламен простор и сл.

Фото: Приватна архива

Воркохолик по карактер, темпераментна по убедување, денот ми поминува за 45 минути и ќе се жалам на НАСА дека кријат од нас за забрзувањето на Земјата. Секојдневието ми е многу едноставно – го живеам како една обична учителка, мајка и сопруга. Секој ден пазарувам, готвам и чистам, тоа се повторливи ситуации исто како јадење, пиење и миење заби, но ги сакам, особено готвењето ми е со креативен набој. Готвењето е магија, го креираш со часови, а исчезнува за 5-6 минути, на општо задоволство. Живеам со 90-годишна свекрва, сопруг врсник, 22-годишен син, двегодишен зајак, а постариот, триесетгодишниот син има генерална проба пред брак – живеат сами со девојката под кирија. Се сметам за исклучително богат човек со другарките од детство, многу пријатели и многу љубов и почит од сите нив. Сакам и почитувам, затоа и се чувствувам сакана и почитувана, тоа ми дава крилја за сите животни премрежија. Со некои од нив не треба ни се да видам ни слушнам за да ги осетам дека сме заедно. Кога дружењето од детство трае ли трае, со нешто си го заслужил. Материјалните богатства не компензираат среќа и љубов, само поквалитетни услови за живот. Многу пешачам, секоја можност ја користам за прошетка во природа. Од здравствени причини престанав да возам велосипед, да ролам, да одам на лизгалиште, ама не престанав да средувам по дома. Јас сум од оние старовремски домаќинки, чистам сама од А до Ш, од фугите во бањата со четка за заби до ролетните на тераса. Само што, со годините сето тоа оди побавно и со паузи за исправање ’рбет. Денот ми завршува со демаскирање, симнување шминка, туширање, одлогирање од интернет, чај со мед и мечтаење пред заспивање…

Фото: Приватна архива

www.slobodenpecat.mk

Претходно

ВИДЕО | Исмајловска: „Отворен Балкан“ можност за отворање на нови проекти и развој

Следно

Дритан Абазовиќ: Политиките на конфликти да ги замениме со соработка и пријателство

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian