Собранието на Република Северна Македонија по едночасовната пауза ноќеска продолжи со расправа по Предлог-одлуката за испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество во меѓународната операција на Организацијата на Обединетите Нации „УНИФИЛ” во Република Либан.
Расправата е во рамки на 73 седница, на која претходно на неполн час по полноќ по неколкучасовна дебата беше исцрпена листата со говорници од опозициската ВМРо-ДПМНЕ за Предлог-одлука за испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество во меѓународната операција на ЕУ „Алтеа” во Босна и Херцеговина. За таа точка, како што најави претседателот на Собранието Талат Џафери, ќе се гласа дополнително.
Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и во денешната работа на Собранието продолжија со активностите за активната блокада на законодавниот дом, што ја стартуваа на 10. минатиот месец. Тие во текот на дебатата по првата точка критикуваа дека одлуката се носи со задоцнување од еден месец, откако припадниците на АРМ веќе биле испратени во АЛТЕА, како и дека ова е класично непочитување на законите и преседан и посочија дека треба да се повика на одговорност министерката за одбрана.
Пратениците од СДСМ пак, пријавувањето за збор на дури 18 говорници за оваа точка го оквалификуваа како политичка агресија и забалежаа оти говорницата најмалку ја користат за да зборуваат за точката која е на дневен ред.
На дневен ред на 73. седница се и две ратификации, како и измени на Законот за платите на судиите, како и на членовите на Судскиот совет, измени на Законот за сигурност на железничкиот систем и измени на Законот за средното образование.