Милевски: Македонија ќе се прашува за резултатот во дуелот со Грузија 

2 mins read

Селекторот на фудбалската репрезентација на Македонија, Благоја Милевски вели дека неговите фудбалери „ќе се прашуваат“ за конечниот резултат на утрешниот натпревар иако Грузија доаѓа во Скопје осоколена по двете убедливи победи над Гибралтар и Бугарија.

„Црвено-жолтите“ во првите два натпревари имаат скор од победа и реми, а утревечер од 20.45 часот за прв пат ќе играат пред македонските фанови на Националната Арена „Тодор Проески“.

– Го гледав натпреварот на Грузија со Бугарија. Се работи за одличен тим со одлични индивидуалци кои одиграа одлично против Бугарија, но секој меч е приказна за себе. Тој натпревар во Грузија (победата на Македонија за пласман на Евро 2020 н.з.) нема никаква конекција со овој сега, и не би се навраќал на тоа. Има разлика од тогаш, имаат нов селектор и нова филозофија на игра. Начинот на кој играат е различен и не гледам некоја поврзаност и сличност.  Квалитетот како поединечен, така и на тимот е голем. Ако им дозволиме, може да не нападнат. На утрешниот меч ќе се прашува и Македонија за крајниот исход. Индивидуалците се важни, но на крај ова е тимска игра и на крајот тимот победува или губи – изјави Милевски на прес-конференцијата.

Бидејќи ова ќе биде прв натпревар за Македонија на домашен терен во новото издание од Лигата на нации, селекторот ги повика навивачите да ги бодрат фудбалерите и да бидат 12-ти играч.

– Посакувам полн стадион и тоа би бил дополнителен стимул за нас да ја почувствуваме домашната публика. Поддршката е потребна. Победата на Грузија со Бугарија може, но и не мора да значи ништо. Важно ќе биде како ние ќе одиграме – вели Милевски кој уште еднаш повтори дека е лош тајмингот на одигрување на натпреварите.

Македонија првите четири натпревари во Лигата на нации ќе ги одигра за само десет дена..

– Периодов е таков како што е. Не може да бараме натпреварувачка форма од играчи кои се надвор од неа. Сепак тие што се тука покажуваат желба и решителност за победа. Секој минат натпревар е историја секој нареден е важен за нас.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

ФОТО+ВИДЕО: Протест во Битола, се бара слобода за Ламбе Алабаковски

Следно

Украинка ја прослави матурата меѓу урнатините на нејзиното училиште

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian