Карпош ќе добие мобилна апликација за мерење на аерозагадување и алергенси

5 mins read

Во рамки на десеттата седница која се одржа денеска во Кинотеката на РСМ, советниците од Карпош  го изгласаа предлогот според кој се направи измена и дополнување на Програмата за активностите во областа на екологијата и енергетската ефикасност за 2022 година, со што Општина Карпош ќе обезбеди 200.000 денари за поддршка на проектот „Био-метео Health алерт-систем“.

Станува збор за едногодишен проект чиј подносител е Здружението на граѓани „Биди здрав – здравје за сите“ од Скопје. Партнери на проектот се Институтот за белодробни заболувања „Козле“, Факултетот за физичко образование, спорт и здравје – Скопје, единиците на локална самоуправа, основните училишта и здруженија на граѓани.

За оваа намена, ИТ компанијата „Интелигента“ ќе изработи веб страница и мобилна апликација за мерење на штетни супстанции во воздухот, а истата ќе ги регистрира и материите кои предизвикуваат алергиски реакции. Во таа насока, тимот составен од научници при Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) – Скопје, постави мерни станици кои треба да ги следат потребните параметри.

Алатката се базира  на најнапредниот атмосферско – хемиски модел  WRF – Chem, во кој се вклучени емисии на гасови на антропогени, биогени  и фосилни горива. Системот го разви тимот научници од ФИНКИ – УКИМ, Државниот универзитет во Виена (Австрија) и Универзитетот во Сан Паоло (Бразил).

-Инаку, овој проект кој ќе се имплементира во Општина Карпош е само дел од поголемиот проект, во кој се вклучени повеќе локални самоуправи на територија на нашата држава. Целна група се сите жители на Карпош, со посебно учество на ученици и наставен и стручен кадар од основните училишта во општината, велат од општина Карпош. 

Проектот има за цел да изврши одредени анализи на гранични вредности за квалитет на воздухот за заштита на човековото здравје, каде нивоата на загадувачки супстанции во амбиенталниот воздух ги надминуваат граничните вредности или целните вредности дадени за концентрациите на загадувачките супстанци (NO2, SO2, CO, O3 и PM10) , а воедно ќе спроведе и едукација на еко-тимови од основните училишта на локалната самоуправа.

Едукативните активности од проектот ќе се спроведуваат во неколку фази од кои, во првата ќе биде изработена бесплатна мобилна апликација за информирање на граѓаните за гранични вредности на квалитетот на воздухот. За оваа намена ќе биде дониран по еден монитор во секое основно училиште во општината, со цел континуирано информирање на учениците.

Втората фаза ќе содржи два дела, од кој во првиот дел се предвидува да бидат формирани еко-тимови во основните училишта во општината и да се одржи обука на наставниот кадар. Потоа, секое училиште треба да изработи по две проектни активности и да организира работилница. Во вториот дел од оваа фаза ќе се изврши дисеминација на наставниот кадар и посета на едукативна настава. Во продолжение ќе бидат уредувани посебни еко-катчиња во училишните холови, при што се предвидува и реализација на низа едукативни активности.

Во третата фаза пак, ќе бидат организирани забавно-рекреативни спортски игри, ќе се одржи завршна манифестација  под мотото „Ден без автомобили“ и ќе се доделуваат благодарници и признанија.

Советниците ја поддржаа и одлуката за одобрување на финансиски средства за најдобро уреден еко – училишен двор (катче), за чија намена Општина Карпош издвои 100.000 денари. Притоа, комисијата составена од претставници од општинската администрација и советници од Карпош ги разгледаа пристигнатите апликации при што констатираа дека, првата награда со освоени 91 бодови ја доби ООУ „Петар Поп Арсов“. Втората награда му припадна на ООУ „Вера Циривири Трена“ со освоени 87,75 бодови, додека пак  на третото место со освоени 73,5 бодови се најде ООУ „Аврам Писевски“.  Прворангираното училиште доби парична награда во висина од 50.000 денари, второрангираното 30.000 денари, а треторангираното основно училиште беше наградено со 20.000 денари.

Во рамки на седницата, советниците се изјаснија позитивно и за предлогот со кој Општина Карпош обезбеди финансиски средства во висина од 40.000 денари, за поддршка на Здружението за спорт и рекреација на граѓани и млади лица со посебни потреби „Денсерс Јунајтед“ – Скопје. 

skopjeinfo.mk

Претходно

Собраниски игри на кондиција: Опозицијата со блокади, Џафери со полноќни сеанси и

Следно

Мицотакис: Во последната деценија на економска криза има 450.000 помалку Грци

Latest from Blog

Д-р Петличковски за кичевчанецот суспектен на мајмунски сипаници: Немаме законска можност да го присилиме да се тестира, очекуваме да му проработи совеста

Здравствените власти мака мачат да обезбедат примерок за тестирање од првиот суспектен случај на мајмунски сипаници

MacedonianEnglishAlbanian