Европска сребрена лига: Шансите на одбојкарите се минимални, но мотивација не недостига

4 mins read

Македонија вечерва во Скопје ја пречекува Романија во меч од петтото коло во кој мора да победи за да има какви-такви шанси за пласман во фајнал-фор фазата. Со една победа и три порази црвено-жолтите се на работ на елиминација. Сепак, мотивацијата им е како и секогаш на високо ниво, велат во нашиот тим

Македонската одбојкарска репрезентација пред денешниот меч со Романија во Скопје („Борис Трајковски“, 20.15 ч) има речиси само теориски шанси за пласман во втората фаза од Европската сребрена лига. Но, мотивацијата во тимот, според репрезентативецот Филип Деспотовски, е на високо ниво како и секогаш.

Македонија мора да земе максимум бодови во преостанатите два меча од групата и да се надева на за неа поволен исход од другите мечеви, за да избори пласман на второто место и со тоа влез во фајнал-фор. Моментно „црвено-жолтите“ се на третото место со само една победа и три порази. По мечот со Романија ни следува дуел од последното коло, со Босна и Херцеговина на гости. Албанија ни е главен конкурент за второто место, а Романија е сигурна на првото место.

Далеку од тоа дека однапред се предаваме. Ќе одиме на победа, да си ја завршиме нашата работа. Ни требаат две победи во последните два меча, а што ќе се случува на останатите мечеви, тоа не зависи од нас. Лошо е што влеговме во таа фаза на калкулации, но што е тука е – вели Деспотовски, според кого мотивацијата во нашиот тим не е намалена поради лошите резултати.

Во нашиот тим има и проблеми со повредените Владо Милев, Костадин Ричлиев, кои веројатно нема да играат.

– Не постои пад во нашата мотивација да дадеме сто отсто на теренот. Наша обврска е да играме за Македонија, мотивацијата не може да падне. Се соочуваме со мала промена на генерации што доведува до понизок квалитет на играта. Тоа можеби кај гледачите изгледа дека е падната мотивацијата и дека атмосферата не е како што треба. Но воопошто не е така. Како и секогаш сите сакаме да дадеме се од себе во националниот дрес. Се навикнавме на победи, па сега кога губиме е чудно – вели Деспотовски.

Македонија добро го почна ова издание на Европската сребрена лига со победа над Босна и Херцеговина во Скопје со 3-0 (25-16, 25-17, 25-23), а потоа тесно изгуби на гостувањето во Романија со 2-3 (22-25, 17-25, 25-23, 25-19, 13-15). Во третото коло изгубивме од Албанија во Скопје со 1-3 (23–25, 25–20, 17–25, 22–25). Потоа Албанија не победи и во Тирана со 3-1 (25–20, 20–25, 25–16, 25–22).

Македонија ја чекаат уште две средби. Денеска ја пречекуваме Романија во Скопје, а в сабота и гостуваме на Босна и Херцеговина. Албанија, која досега има две победи и два порази, денеска игра дома со БиХ, а во последното коло и гостува на Романија. Ако Македонија освои максимални бодови во последните две кола, може да се надева на второто место кое води во следната фаза, но под услов Албанија да киксира.

Минатата сезона македонскиот тим го освои второто место во Европската сребрена лига. Вкупно во шест учества „црвено-жолтите“ имаат четири сребра и една бронза во СЛ. Само во 2018 година не освоивме медал.

Сребрена лига, група Б, петто коло, денеска: Македонија – Романија, Албанија – БиХ. Табела: Романија 11, Албанија 7, Македонија 4, БиХ 2.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Украина го бара од Израел системот „Железна купола“ и ракети „Спајк“

Следно

ВИДЕО | Исмајловска: „Отворен Балкан“ можност за отворање на нови проекти и развој

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian