Доктор Маја Кирјас: Естетска корекција на ушите

4 mins read

Почетоците на естетската/пластичната-хирургија датираат уште од стар Рим. Римјаните своевремено, вршеле едноставни интервенции – корекции на неправилните уши.

Во своевремената историја, прв американски естетски хирург бил доктор Џон Питер Метауер, кој првата операција ја направил во далечната 1827 година, со инструменти што сам ги дизајнирал.

Во многу анкети што се спроведени на прашањето: „Дали ја поддржувате естетската хирургија“, главно најголем процент се со позитивен одговор и мислење дека таа нè прави посреќни, да се чувствуваме посигурни, поубави… Сето тоа е точно, но кога се консумира во умерени количини и во склад со сопствениот идентитет, кога не ги поминува границите на нормалното, реалното, естетската хирургија навистина може да биде одличен начин себеси да се направите поубави и, секако, посреќни, вели примариус спец. д-р Маја Кирјас – хирург оториноларинголог при Клиниката за „Оториноларингологија“, Клинички центар – Скопје.

Клемпави уши – изглед

Клемпавите уши или отапостаза (од грчки apostasis – растојание) е состојба кога ушната школка е премногу оддалечена од површината на главата. Клемпавите уши ретко се едностран деформитет, најчесто се неправилност на двете уши. Во прашање може да е сосема блага клемпавост (едвај воочлива) и силно изразена. За клемпави уши се сметаат оние каде што аголот меѓу ушната школка и главата е поголем од 25 степени.

Отапостазата не прави функционални, туку исклучиво естетски корекции на увото, на неговиот изглед што треба да е во склад со лицето.

Децата со клемпави уши честопати се за потсмев кај своите соученици, врсници, па поради тоа може да речеме дека е оправдано барањето на родителот за естетска корекција каде се реализира ремоделирање и редизајнирање на ушната школка. Кај новородените деца ушната школка е мека и тешка за обликување, затоа е потребно да се почека барем до петтата година за да се направи хируршка интервенција. Развојот на надворешното уво завршува до седмата година од животот.

Оперативни техники

Постојат повеќе видови оперативни техники на отопластика: (Converse, McColum, Mustard, Farrior и др.), а изборот на техниката пациентот ја препушта нам, хирурзите. Операцијата се изведува со рез од внатрешната страна на ушната школка. По операцијата, неопходен е компресивен завој што треба да се носи од 7-10 дена.

Самата оперативна интервенција (како и секоја) носи свои ризици. Најчести се: крвавење (кое може да се појави по оперативната интервенција), чувствителност на кожата – во смисла на намален сензибилитет (кој најчесто исчезнува во период од 2-3 месеци по операцијата), лузни (кои најчесто спонтано исчезнуваат), алергиска реакција на фластер, газа…, хематом во пределот на школката и крвен подлив во ушната школка, инфекции, дисколорации во пределот на кожата…

Хируршката анестезија кај децата е општа или локална (во зависност од анестезиолошката процена), додека кај повозрасните пациенти е локална. На пациентите кај кои постои алергија од кој било тип, неопходно е да се направи алерго-тест на анестетици, кои се користат во текот на интервенцијата.

Закрепнување по операција

Првите 10 дена по операцијата добро е да се одбегнуваат секакви активности, иако пациентот ќе се чувствува релативно добро, бидејќи болката е присутна само првите два дена по интервенцијата, додека чешањето е можно сè до вадењето на газата.

Контактни спортови е потребно да се одбегнуваат најмалку пет недели од операцијата.
Пациентите треба да носат лента околу главата (само во текот на ноќта, додека спијат) во период од четири недели.

Општопознато е дека околу лузните, пигментацијата е поинтензивна, а особено при изложување на сончевите зраци. Па поради тоа, се советува при сончање да се користат заштитни кремови најмалку шест месеци по операцијата.

Секој пациент треба да е информиран за оперативната интервенција и да е со реални очекувања.

Примариус спец. д-р Маја Кирјас – хирург оториноларинголог
Клиника за „Оториноларингологија“
Клинички центар – Скопје

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Руските универзитети исклучени од Болоњскиот процес

Следно

Џафери нема да одговара за пцуењето по службениците

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian