„Ванчо Михајлов“ жари и пали по потреба

7 mins read

Ова кривично дело не случајно е извршено на денот кога двете држави ќе остварат дијалог на ниво на министри за надворешни работи, рече завчера македонскиот шеф на дипломатијата Бујар Османи, Тој заедно со колешката Теодора Генчовска остро го осудија инцидентот.

Високи претставници на Македонија и Бугарија како провокација, обид за дестабилизација, говор на омраза, вандалски и варварски чин и слично го оквалификуваа опожарувањето на влезот во културниот центар „Ванчо Михаjлов“ во Битола што се случи завчераутро спроти посетата на министерката за надворешни работи на Бугарија, Теодора Генчовска, на земјава. Генчовска за момент го прекина работниот состанок во македонското МНР во Скопје и отпатува во Битола, од каде што изјави дека овој чин нема да ги наруши односите меѓу двете земји.

– Откривањето на сторителите на овој чин ќе биде доказ дека тука навистина се вложува сила за борба против говорот на омраза – изјави Генчовска во Битола.

Македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи рече дека ова кривично дело не случајно е извршено на денот кога двете држави ќе остварат дијалог на ниво на министри за надворешни работи. Османи и Генчовска потоа заеднички остро го осудија инцидентот, но нагласија дека двете министерства ќе продолжат да наоѓаат заемно прифатливи решенија и да ги унапредуваат билатерталните односи помеѓу двете земји.

Во саботата наутро, околу 5 часот, непознат сторител ја запалил вратата на клубот. Битолското јавно обвинителство соопшти дека со екипи на битолската полиција, извршиле увид, наредило да се вештачат трагите и да се обезбедат снимките од безбедносните видео-камери.​ МВР соопшти дека инцидентот го пријавил сосед кој слушнал кршење на стакло и видел пожар пред влезната врата на културниот центар. Територијалната противпожарна единица од Битола веднаш го локализирала пожарот.

Протестна нота

Министерството за надворешни работи на Бугарија му врачи протестна нота на македонскиот в.д. амбасадор во Софија Владимир Крстевски, притоа истакнувајќи дека „ваквите вандалски акти не само што се израз на национална омраза и нетолеранција кон активностите на невладините организации како важен дел од граѓанското општество, туку се и во сериозен судир со демократските вредности и принципи на современиот цивилизиран европско општество.“

Премиерите на двете држави Димитар Ковачевски и Кирил Петков, исто така, го осудија палењето на клубот во Битола и побараа надлежните да ги најдат и казнат сторителите. Петков рече дека бугарската Влада ќе продолжи да работи на заштита на правата на бугарската заедница во Северна Македонија и на поддршката на нејзините активности.

– Иднината на регионот не треба да биде заложник на обидите за дестабилизација на злонамерните маргинални групи – нагласи Петков.

Најостро го осудувам палењето на објектот на културниот центар на бугарската заедница во Битола. Ваквите чинови се провокација и не одат во прилог на унапредување на односите со Бугарија, оцени македонскиот претседател Стево Пендаровски.

Радев: Дел од долгогодишната антибугарска кампања

За бугарскиот претседател Румен Радев палењето на културниот центар е уште една провокација, дел од долгогодишната антибугарска кампања во Северна Македонија.

„Институциите во Република Северна Македонија мора да ја сфатат својата одговорност кон помладите генерации и да не дозволат омразата да владее со јавниот простор. Палењето на културниот центар е уште една провокација, дел од долгогодишната антибугарска кампања во Северна Македонија. Толериранa, повеќе или помалку од официјалните власти, со години наоѓаше израз во уривањето споменици, спомен-плочи, сквернавењето на воените гробишта поврзани со Бугарите и нашата заедничка историја. Преку навреда и искривување на историските вистинити текстови за Бугарија и Бугарите во учебници, книги, филмови, натписи во музеи и јавни места, таа ги труе и продолжува да ги труе умовите на многу генерации и да го попречува развојот на добрососедските односи меѓу двете земји,“ е ставот на Радев.

Слична квалификација – провокација и дел од масовната антибугарска кампања што започнала веднаш по отворањето на клубот, даде и потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова.

Пожарот во Битола е само три недели пред Самитот пред кој бугарската страна е под засилен притисок на меѓународната заедница да го симне ветото за отпочнувањето преговори на Македонија со Европската Унија. Клубот со името на контроверзниот фашистички соработник Иван Михајлов во Битола беше отворен во април, во присуство на речиси комплетниот државен врв на Бугарија.

Генчовска: Маж со маска на велосипед извадил туба со запалива течност

Генчовска на записите на една од безбедносните камери можела да види маж со маска кој безбедно пристигнал со велосипед, извадил туба со запалива течност и мирно ја истурил течноста пред вратата од куќата. Според неа, од овој пожар сторителот се здобил со одредени повреди и може да побара лекарска помош. Таа во интервју за софиската телевизија бТВ изрази очекување дека судството ќе си ја заврши работата, а се заблагодари за брзата реакција на противпожарната бригада, на полицијата и на дежурниот обвинител во Битола. Директорот на полицијата, како што рече, се обврзал да вложи максимални напори за разоткривање на сторителот на овој немил чин и вандалски чин.

Претседателот на клубот во Битола Љубчо Георгиевски за бТВ коментира дека кога пред еден месец бил отворен Центарот за култура „Иван Михаилов” во Битола, на социјалните мрежи имало закани и повици да се запали клубот. Според него, камерите јасно покажуваат дека пожарот не бил случаен.

Мицкоски побара Бугарија да го тргне ветото без одложување

Разговорите протекоа во пријателска и конструктивна атмосфера во функција на продолжување на дијалогот меѓу двете министерства за надминување на отворените билатерални прашања согласно Договорот за пријателство, добрососедство и соработка и унапредување на евроинтеграцискиот процес на Северна Македонија. Разговорите ќе продолжат и дополнително ќе се интензивираат во периодот што претстои“, соопшти МНР за работниот дел на тимовите на двете министерства.

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на средбата со Генчовска побара Бугарија да го тргне ветото без одложување и пристапните преговори да започнат што поскоро.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

На челото, рамената или на задникот? Еве што ви кажуваат акните на одредени делови од телото

Следно

Деветмина убиени во три нови вооружени напади во САД

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian