Катерина Урдова е успешен модел која се пробива на интернационалната модна сцена. Атрактивната Катерина потекнува од Струмица, а кариерата ја започнала уште на 14 години кога победила на изборот за Најдобар модел на Македонија.

Благодарение на кариерата која се движи по нагорна линија, Урдова постојано патува низ светот. Таа соработувала со многубројни познати имиња на кампањи, ревии и едиторијали. Во моментот живее во Хамбург, Германија и е дел од модната агенција „4плеј“.

Ја прашавме Катерина како приближно изгледа еден нејзин ден, па еве што ни откри таа.
– Веројатно веќе сте запознаени со изреката „по утрото се познава денот“? Се будам во 7 часот наутро. Тоа е дел од мојата утринска рутина. Пред речиси две години сфатив дека кога се будам рано, ги правам сите работи пред да се разбудат сите во мојот дом и се чувствувам многу подобро.

Мојата листа на обврски е бескрајна и долга. Максимално ја искористувам секоја минута од моите 24 часа во денот. Затоа ја започнав утринската рутина. Кое било овошје да го изберете за појадок, нема да згрешите. Мене денот ми започнува со банана, јаболко или портокал… А, понекогаш и со сите заедно.

Пред извесен период се роди идејата за креирање на блог исполнет со искуства од патувањата. Патувајќи во многу земји како модел и целото мое искуство кое го стекнав преку тоа, резервација на карти, истражување каде да се сместам, каде да јадам и, пред сѐ, што е најкарактеристично да се посети, а тоа да биде слеано во неколку реченици и пред сѐ, документирано со фотографии доведоа до тоа да се роди justbooktheticket.travel. Поголемиот дел од денот работиме на креирање содржина за блогот придружено со филџан кафе, се разбира.

Инаку, секој ден ми е различен. Има денови и кога денот ми започнува пред изгрејсонце. Тоа е ден кога имам утрински повик за снимање. Треба да бидам навреме и тие фотографирања и снимања најчесто траат со часови.

Кога имам обврски во текот на целиот ден, најчесто си носам храна со себе. Инаку, обожавам да готвам и тоа го правам често бидејќи сум љубител на македонската кујна, а понекогаш може да направам и некој експеримент, како на пример, суши.
Вечерните часови се моменти за долги разговори со сопругот и чаша вино.