Разговор со проф. д-р Тамара Јованов Апасиева: Жените се ограничени во основање бизнис

8 mins read

Најголемиот ризик е жените да не успеат да се вклучат како значаен дел од дигиталната револуција, што потенцијално би го загрозило и нивното присуство на пазарот на труд во иднина.

На актуелни теми за жените и дигитализацијата и вмрежувањето како важни чекори за основање и водење сопствен бизнис, разговараме со проф. д-р Тамара Јованов Апасиева, професорка при Економскиот факултет во Штип, УГД, бизнис-консултантка, менторка на стартапи и членка на советодавниот одбор на Националната платформа за женско претприемништво, пишува „Еспресо.мк“.

Во последниве години, технологиите радикално го променија начинот на кој работиме. Промената што ја донесе дигитализацијата, сепак не е родово неутрална и има различно влијание за мажите и жените. Каква е тековната состојба?

– Жените најчесто се половина од универзитетските студенти во повеќето развиени земји, како и кај нас, но сѐ уште се значително помалку застапени од мажите во областите на науката, технологијата, инженерството и математиката (STEM). Јазот во интересот за ИКТ се јавува уште во текот на средното образование, на штета на младите жени, кои во тој период поизразено губат интерес за технологијата и инженерството, во споредба со младите мажи. Жените претставуваат само 30 отсто од ИКТ работниците во Европа, со 9 отсто учество во создадени ИКТ апликации. Истражувањата посочуваат дека жените се значително ограничени во основањето или водењето бизнис од недостатокот на дигитални ресурси, недостигот на финансиски ресурси, а дополнително кај нив е поизразен и стравот за личната безбедност на интернет. Ограничувачки фактор се и социо-културолошките услови на живеење, доминантната улога на жените како домаќинки во домот, покрај нивната редовна работа, поради што честопати не се во можност да учат нови вештини и употреба на дигитални алатки. Тоа ги спречува жените да бидат вклучени позначително во процесите на иновирање или развој на идеи, што е штета за општеството во целина, бидејќи се покажало дека жените се креативни и силното женско присуство во бизнисот честопати води до поефективни одлуки.

проф. д-р Тамара Јованов Апасиева
Проф. д-р Тамара Јованов Апасиева / Фото: Приватна архива

Во блиска иднина 80 отсто од работните места ќе бараат дигитални вештини. Дали, според Вас, дигиталната револуција што е во тек ќе го зајакне или ослабне присуството на жените на пазарот на трудот во нашата земја и какви се ризиците и можностите?

– Најголемиот ризик е жените да не успеат да се вклучат како значаен дел од дигиталната револуција, што потенцијално би го загрозило и нивното присуство на пазарот на труд во иднина. За да го намалиме овој ризик, потребно е да создадеме можности преку развој на услови што ќе ги охрабрат и ќе им овозможат на жените да ги совладаат знаењата и вештините од областа на дигитализацијата. Како потребни, ги издвојувам следниве услови: 1. Создавање вештини: организирање тренинг и обуки за придобивките од технологијата и развој на вештини за употреба на дигитални алатки, како и охрабрување за неформално доусовршување преку е-учење на достапни платформи како: Coursera, Udacity и edX и др. 2. Вмрежување: поврзување со други успешни жени претприемачи од технолошкиот сектор за размена на позитивни искуства. 3. Информирање и учество: промовирање информации за постојните платформи и асоцијации за женско претприемништво и е-бизнис, во државата и регионот, како, на пример, Националната платформа за женско претприемништво, како и нивно вклучување во бизнис инкубатори и акцелератори. 4. Промовирање добри примери поради зајакнување на самодовербата преку поистоветување. 5. Финансии: информирање и менторирање на жените да ги користат фондовите за дигитализација на бизнисот и обезбедување квоти или други олеснувања за жени претприемачи.

Колку и зошто дигитализацијата е важен чекор за жените во основање и започнување сопствен бизнис?

– Дигиталните алатки и технологијата го менуваат начинот на кој го живееме животот и како работиме. Технологијата е неразделно поврзана и со иновацијата. Воведување и користење нова технологија е клучно за создавање конкурентска предност за бизнисите. Дигитализацијата овозможува нови начини за комуникација со потрошувачите и општеството во целина, нови начини за дистрибуција и продажба на производите, развој на нови бизнис-модели. Воедно, дигитализацијата е поврзана и со можностите за одржлив развој, циркуларна и зелена економија. За време на пандемијата директно го сведочевме значењето на технологијата, бидејќи бевме во улога на потрошувачи што повеќе од кога било купуваа онлајн, зголемувајќи го значително уделот на е-трговијата во глобалната трговија на мало, во рамките на речиси сите економии. Поддршката на жените претприемачи што се стремат да успеат во дигиталниот простор, сега е уште поважно од претходно.

проф. д-р Тамара Јованов Апасиева
Проф. д-р Тамара Јованов Апасиева / Фото: Приватна архива

Кои се, пак, придобивките од вмрежувањето и од каде да се почне, како да се направи првиот чекор, како да се „вмрежиме“?

– Вмрежувањето е важна и корисна вештина, како за разменување информации, така и заради можноста да се креираат долгорочни врски со засегнати страни, со придобивки за сите во процесот. Вмрежувањето се сведува на тоа да дознаеме кои се нашите пријатели и кои се пријателите на нашите пријатели. Нѐ прави видливи за потенцијални соработници и овозможува размена на идеи, искуство, откривање на добри практики, како и нови можности – пласман на производите на нови пазари, привлекување нови клиенти, надминување одредени предизвици со помош на експерти. Вмрежувањето може да се практикува на повеќе различни начини: членство во бизнис-асоцијации, организации, сојузи, клубови, граѓански здруженија или хуманитарни организации; посета или организација на настани – конференции, семинари, обуки; упис или соработка со образовни институции; посета на саеми, културни и спортски настани; организирање состаноци со луѓе од интерес; креирање/членство во онлајн групи; комуникација преку социјални медиуми и др. За совладување на вештината вмрежување, постојат одредени чекори: 1. Таргетирање (избор) на луѓе што се потенцијално значајни за бизнисот; 2. Креирање план за акција – листа на настани, потенцијални места и начини за среќавање со избраните луѓе; 3. Поставување јасни цели – што треба да се постигне со нивна помош; 4. Креирање краток говор за себепретставување (elevator pitch), со конкретен предлог за соработка; 5. Предлог вредност за луѓето со кои сакаме да соработуваме; 6. Размена на информации, кои вклучуваат можност за следен контакт; 7. Да се слуша што зборуваат другите (80 отсто од времето да слушаме, а 20 отсто од времето да зборуваме); 8. По иницијалниот контакт, да ги потсетиме луѓето дека се знаеме, преку порака на имејл, со содржина со одредена корисност и апел кон личноста на која ѝ се обраќаме… Како прв чекор во оваа насока, препорачувам жените претприемачи да ја следат и да се вклучат во работата на Националната платформа за женско претприемништво, како место од каде што можат да почнат со вмрежување преку присуство на нивните јавни настани, добивање информации за обуки, конференции, семинари, следење на успешните приказни на промовираните жени претприемачи и стапување во контакт со нив, како и следење на советите на Националната платформа за водење бизнис, на нивната веб-страница (weplatform.mk/) и на профилите на социјалните мрежи.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Иванишевиќ убеден дека Новак ќе триумфира на Вимблдон

Следно

Поскапи меѓуградскиот автобуски превоз

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian