Промоцијата на туристичкиот потенцијал останува онлајн, се вклучуваат повеќе странски блогери, новинари и инфлуенсери

4 mins read

Годинава од туризмот се очекува девизен прилив од 400 милиони долари, а податоците од првиот квартал се оптимистички – 78.52 милиони долари или  8,45% повеќе споредбено со истиот период во 2019 година која е последната пред пандемијата која туристичкиот сектор ја заврши со позитивно салдо.

Привлекувањето на странски туристи останува предизвик на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ) која и оваа сезона се одлучи, наместо традиционалните начини со билборди, закупување медиумски простор и соработка со тур оператори, кампањата да ја насочи кон онлајн рекламирањето па во тоа ќе вклучи странски новинари, инфлуенсери, блогери и влогери кои преку социјалните мрежи ќе ги промовираат локалитетите, туристичките производи, разни атракции, авантуристичките форми на туризам, гастрономијата, винските патишта, руралните дестинации и регионите.

-Годинава Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот располага со намален буџет од вкупно 4 милиони денари за промоција, што е за 87 проценти помалку од побараниот буџет, но тоа ни е само поголем мотив да работиме на начините и формите како и во тие рамки да привилечеме поголем број туристи кои ќе ја посетат земјава оваа година. Агенцијата уште од 2018 година промоцијата на македонскиот туризам ја префрли 100 проценти онлајн со фаворизирање на дигитализацијата што овозможува подобро промовирање на туристичките потенцијали и пристап на поголема публика преку социјалните мрежи, вели за „Слободен печат“ Љупчо Јаневски, директор на АППТ.

Агенцијата најави гости од Хрватска, конкретно од Шибенско-книнската жупанија, а романската државна телевизија ТВ Романија предвидено е да сними документарен филм за културни наследства на Македонија, кој ќе биде емитувана на програмата на ТВР. Документарни филмови ќе снима и италијанскиот двоец Андреа Куеро и Даниеле Фучини кои ќе бидат емитувани на италијанските национални телевизии РАИ 1 и РАИ3. Македонскиот туристички сектор ќе реализира и инфо тура за турските блогери Мелих Дасгин и Озлем Дасгин. Ова информативно патување ќе биде од големо значење за нас. 

-Овие документарни филмови за Македонија кои ќе се снимаат во наредниот период се дел од планираните активности за наредната 2023 година. Што се однесува до оваа сезона таа е веќе почната, доаѓањето на туристите е обезбедено и очекуваме годинава да ја завршиме со 2,6 милиони ноќевања и над 400 милиони долари девизен прилив од туризмот, вели Јаневски.

Тој нагласи дека главниот туристички центар во државава – Охрид оваа сезона ќе биде посетен од илјадници британски туристи кои од Островот ќе допатуваат во организација на интернационалниот туроператор ТУИ, преку авиолинијата на Визер од Лутон до Охрид, а се очекува и бенефит за туризмот од регионалната иницијатива „Отворен Балкан“.

-Лидерите од земјите на иницијативата „Отворен Балкан” го видоа економскиот бенефит од туризмот како стопанска гранка, па така фокусот на самитот во Охрид на 7 и 8 јуни ќе биде насочен кон туризмот и културата. На настанот ќе присуствуваат повеќе од сто новинари од регионот и Европа, што е одлична можност за туристичка промоција на земјите од Западен Балкан. „Отворениот Балкан” создава дестинација од 12 милиони домашни туристи доволно конкурентна и во самата дестинација, овозможувајки многу подобри конекции, делење позитивни практики, едукација и градење стручен кадар, зголемена промоција со што се очекува  на уделот од туризмот во БДП на секоја земја, истакнува Јаневски.

Меѓу подалечните дестинации се очекува и интерес од туристите од Обединетите Арапски Емирати на што се работеше во текот на Дубаи Експо 2020 во јануари и февруари годинава, а за септември се најавува редовна авиолинија од таму.

 

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Кремаста чоколадна фантазија од само две состојки!

Следно

Шпанската министерка за одбрана не ја отфрли можноста за испраќање модерни тенкови на Украина

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian