Пријателскиот натпревар меѓу селекциите на Канада и на Панама не е одигран поради бојкотот на канадските фудбалери кои не се задоволни од премиите за пласманот на Светското првенство во Катар.
Натпреварот требаше да се одигра утринава во Ванкувер, но канадските фудбалери одлучија да не се појават на теренот бидејќи се незадоволни од ветените 10 отсто премија за пласман на Мундијалот од 10 милиони колку што заработи фудбалската федерација на Канада. Репрезентативците бараат премијата да изнесува 40 отсто.
Канадските медиуми првично објавија дека натпреварот бил потврден дека ќе се одигра, но два часа пред предвидениот старт, сепак е откажан иако имало неколку илјади навивачи пред стадионот.
Канадските репрезентативци се огласија со сооопштение во кое наведоа дека нема да играат бидејќи преговорите за новиот колективен договор „непотребно се продолжени“.
– Време е да зазедеме став за доброто на фудбалот во Канада – стои во дел од соопштението.
Фудбалерите исто така бараат и промени во фудбалската федерација на Канада, поголема транспарентност како и да се обезбеди договор за патување на нивните семејства на СП во Катар. Канадската фудбалска федерација на репрезентативците им понудила само по два билети на фудбалер за нивните семејства, додека играчите бараат барем четири билети по натпревар.
Тие исто така бараат премиите да бидат еднакви и за женската репрезентација, како и да се вложува повеќе во развојот за женската фудбалска лига.
Следниот натпревар на Канада треба да биде против Курасао на 9 јуни во рамки на Лигата на нации во Конкакаф зоната.
Канада ќе учествува на СП во Катар за прв пат по 36 години и се наоѓа во група со селекциите на Белгија, Хрватска и Мароко.