Германска дипломатска офанзива

8 mins read

За Берлин, францускиот министер за надворешни работи Луј Барту станал најопасниот непријател. Неговите иницијативи значеле одделување на Италија од сојузништво со Германија и создавање обрач околу нацистичка Германија. Херман Геринг, кој бил одговорен за политиката на Германија кон Југоисточна Европа, на 23 и 24 мај 1934 година бил во „посета на добра волја“ во Белград, каде што го декларирал интересот на Третиот Рајх за зачувување на „единството на Југославија“.

На 17 март 1934 година бил потпишан и протокол за пријателство и економска соработка меѓу Италија, Австрија и Унгарија и бил создаден таканаречениот „Римски триаголник“. Ова довело до „заладување“ на италијанско-германските односи, што го искористила Франција, па во април 1934 година бил потпишан трговски договор меѓу неа и Италија. Предвидено било и создавање таканаречен „Медитерански пакт“ меѓу Франција, Италија и Југославија. Француската делегација и министерот Барту биле поканети од Мусолини да го посетат Рим.

Во април 1934 година, Луј Барту бил во посета на Прага и Варшава, а на крајот на јуни 1934 година го посетил Букурешт каде што се одржувала седница на Постојаниот совет на Малата Антанта. Од почетокот на 1934 година Бугарија ги интензивирала дипломатските активности, со цел да излезе од наметнатата „балканска изолација“. На 24 јануари 1934 година, царот Борис го посетил романскиот кралски двор, а на 4 март 1934 година, по четврти пат во кратко време, се сретнал со југословенскиот Крал Александар. Југословенскиот министер за надворешни работи Јевтиќ пристигнал во Софија на 7 мај 1934 година и имал разговори за подобрување на добрососедството и пријателството.

Морало да биде отстранет Барту

Но, Германија на чело со Адолф Хитлер, исто така, ги следела своите интереси. За Берлин, францускиот министер за надворешни работи Луј Барту станал најопасниот непријател. Неговите иницијативи значеле одделување на Италија од сојузништво со Германија и создавање обрач околу нацистичка Германија. Херман Геринг, кој бил одговорен за политиката на Германија кон Југоисточна Европа, на 23 и 24 мај 1934 година бил во „посета на добра волја“ во Белград, каде што го декларирал интересот на Третиот Рајх за зачувување на „единството на Југославија“. Со цел да се надминат разликите меѓу двете сојузнички фашистички земји, на 14 јуни 1934 година Хитлер пристигнал во Венеција и се сретнал со Мусолини. Знаејќи го сонот за заживување на Римската Империја, Хитлер му се обратил на својот домаќин со античкиот римски извик „Аве, Цезаре!“, по што, иако со дводневните разговори биле надминати некои недоразбирања, сепак, несогласувањата околу иднината на Австрија останале нерасчистени.

Хитлер и Мусолини

Сета таа дипломатска игра од Франција за создавање обрач околу нацистичка Германија, во крајна линија, би можело да предизвика пад на владата на Хитлер. Затоа Барту, по нацистичките „математики“, морало да биде отстранет. Атентатот во Марсеј го елиминира Барту, а попатно го растурил обидот за бугарско-југословенско приближување, кое започнало да се остварува по воениот удар на 19 мај 1934 година во Бугарија, од страна на Воената лига и политичката групација „Звено“.

„Воениот сојуз“ или „Воената лига“ била тајна организација на бугарските офицери создадена како реакција на ограничувањата наметнати врз бугарската армија од  Версајскиот, односно Нејскиот мировен договор. Набрзо оваа организација се претворила во моќен фактор во бугарскиот општествено-политички живот. Тоа најјасно се видело со изведениот пуч на 9 јуни 1923 година и соборувањето на владата на Александар Стамболиски. Во ноември 1933 година, Воениот сојуз одлучил да направи подготовки за соборување на владата, што се случило на 19 мај 1934 година, а била формирана влада од претставници на „Воениот сојуз“ и кругот на „Звено“, предводена од Кимон Георгиев.

Националистички „прикаски“

Новите власти на Бугарија на 4 септември 1934 година во Државниот весник објавиле „Закон за заштита на безбедноста на државата“, а со првиот член се забранувале сите организации и групи што „поттикнувале непријателство кон странски држави или кои користат или сакаат да користат криминал, насилство, вооружени или терористички акти за истата цел“. Во соопштението на полицискиот директор објавено на 8 септември 1934 година во сите дневни весници во Софија се наведувало дека започнала потрага по функционерите на ВМРО Иван Михајлов, Георги Настев, Кирил Дрангов и Владо Черноземски.

На 30 септември 1934 година, српскиот Крал Александар бил гламурозно пречекан во Бугарија. Атентатот во Марсеј не само што го спречил натамошното приближување на Југославија и Бугарија, туку и сериозно го нарушил авторитетот на владата на Кимон Георгиев, па, наскоро, таа влада била сменета од бугарскиот цар Борис.

Впрочем, добро е за крај на овие согледувања околу атентатот во Марсеј да се имаат предвид зборовите на Антони Идн, британски министер за надворешни работи во време на Втората светска војна, кој изјавил дека „истрелите во Марсеј беа првите истрели во Втората светска војна“, па оттаму историографот Едуард Чалиќ со право запишал дека „Павелиќ и Михајлов во 1934 година го спасија нацистичкиот режим“ во Германија.

Неминовно треба да се констатира дека „приказната“ за Владо Черноземски и атентатот во Марсеј, што е една од омилените македонски „националистички“ мистификации од нашиот пробугарски врховистички ревизионизам, е само навидум „македонска“, а во основа е длабоко  антимакедонска. Овој пробугарски ревизионизам, сфаќајќи ја потребата на „јавноста“ за сензационален приказ на минатото, плете приказна за атентатот во Марсеј, во која фанатичниот „бугарско-македонски“ револуционер Владо Черноземски „доброволно го жртвувал својот живот на олтарот за ослободување на Македонија“.

Мијо Бабиќ, Владо Черноземски и Звонимир Поспишл во логорот „Јанка Пуста“

Фактички, самиот атентат бил за задоволување, пред сè, на потребата на германските нацисти да го отстранат од политичката сцена францускиот министер за надворешни работи Луј Барту, а сето дејствување на автономистичката ВМРО недвојбено било исклучиво за уништување на македонскиот национален идентитет и соединување на Македонија со Бугарија. Покрај тоа, историографската анализа покажува дека атентатот во Марсеј, кој бил организиран со помош на германските тајни служби, воопшто немал врска со Македонија и македонското ослободување од големосрпската окупација, туку повеќе со хрватската усташка организација и нејзината антисрпска агенда.

(Крај)

Прочитајте:

Прв дел: ВМРО на Ванчо Михајлов и усташите на Анте Павелиќ (1)
Втор дел: Бегството на Михајлов од Бугарија со фашистичката помош и ликот на Владо „Шоферот“ (2)
Трет дел: Организирање на атентатот во Марсеј (3)
Четврти дел: Атентатот во Марсеј и германските нацистички тајни служби (4)
Петти дел: Мелита „Мата Хари“ Видеман и атентатот во Марсеј (5)
Шести дел: Германските нацисти и атентатот во Марсеј (6)

www.slobodenpecat.mk

Претходно

ВИДЕО | Мачка со неверојатна моќ: Можеби некој сака да ја вработи?

Следно

Црвена звезда не го дава тронот, во мајсторката го победи Партизан за шеста титула во АБА

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian