„Цврстата рака“ на воените генерали ја освојуваат политиката во нашето соседство

5 mins read

Станува ли генералската униформа тренд во регионалната политиката преку чија популарност воените лица ги освојуваат политичките функции наспроти своите опоненти. Оваа дилема е актуелна во регионалната и домашната јавност откако викендов поранешен началник на Генералштабот на вооружените сили на Албанија, Бајрам Бегај стана нов претседател на државата.

Дали во овие моменти на глобални безбедносни превирања подобро е претседателската функција да ја извршува воено лице но и колку генералската униформа и „наредба“ може да се замени со костум и политиката на дипломатија и како ова ќе се рефлектира врз Македонија се прашањата на кои „Слободен печат“ побара мислење од домашните познавачи на состојбите.

Докторот на воено-политички науки Благоја Марковски вели дека од досегашната пракса може да се заклучи дека овие лица кои стануваат шефови на држави или политички институции се многу по не демократски расположени за развојот на добрососедските односи и дипломатијата. Според него тоа е така, бидејќи овие личности се крути во снаоѓањето во политиката поради нивниот начин на функцонирање кој влече корени од армиската дисциплина.

Благоја Марковски

– Овој феномен има два аспекти. Првиот е дека високите воени лица во овие земји се повеќе одлучуваат својата воена кариера да ја трансфрмираат во политичка со цел да се претстават дека тие се во состојба да раководат и со политичките институции дури и со највисоките државни функции. И вториот аспект, во вакви услови на криза на глобален план кога се кандидираат високи воени раководители за политички функции, на граѓаните им даваат доверба поведена од фактот дека ако тој раководел со воена институција со сигурност успешно ќе раководи и со државните органи. Сепак за жал оваа логика и пракса во регионот се испостави дека не функционира најдобро, односно многу тешко се остварува на терен, што е случај и со бугарскиот претседател Радев во соседна Бугарија – вели Марковски.

Од друга страна Илија Џугуманов од Евроатлантскиот совет на Македонија вели дека перцепцијата за демократија кај секоја од земја е различна. Според него домашните и глобалните случувања уште повеќе ја зголемија безбедностната дилема кај секоја од балканските земјите, но и кај самите граѓани.

Фото-Фејсбук | Илија Џугуманов, генерален секретар на Евро-атлантски совет на С.Македонија

– Иако овластувањата на претседателот, во парламентарните демократии, не се големи, сепак тој има пред се високи дипломатски и правни надлежности. Во исто време самата функција – врховен командант на вооружените сили, секако му дава огрмони овластувања во делот на армијата и околу формирањето на одбранбениот план и стратегија на земјата. Во таа насока, сметам дека многу е подобро оваа функција да ја извршуваат истакнати и докажани граѓани од академската фела или политичкиот живот, отколку лица кои имаат искуство единствено во армиските кругови – оценува Џугуманов.

Во меѓувреме албанските медиуми пишуваат дека новиот претседател Бегај ќе го наследи Илир Мета кој беше отворен жесток критичар на владата. Според информациите во медиумите Бегај дипломирал медицина, станал активен воен офицер во 1998 година и бил на различни високи позиции во албанската армија. Од јули 2020 година е началник на Генералштабот. Сепак пред гласањето во парламентот, тој мораше да поднесе оставка од сите воени должности од процедурални причини.

Претходно ваков случај беше регистриран кај нашиот источен сосед Бугарија. Актуелниот претседател Румен Радев кој деновиве во јавноста е актелен со неговите тврди ставови околу проблемот со Македонија и тргањето на бугарското вето, беше командант на бугарските воздухопловни сили.

59-годишниот Радев на претседателската функција дојде од позицијата професионален воен пилот на бугарската ловачка авијација. Тој во неговиот втор претседателски мандат убедливо го победи Анастас Герџиков на изборите одржани минатата година.

Сличен ваквов пример беше регистрирани и на политичката сцена во соседно Косово. Во 2016 година Хашим Тачи беше избран за шеф на државата. Поранешниот водач на Ослободителна војска на Косово (ОВК) Тачи пред две години си поднесе оставка од функцијата претседател на државата по потврдата за обвинение за воени злосторства на Специјализираното обвинителство во Хаг.

На домашната политичка сцена со „воено искуство“ а на висока државна функција е претседателот на Собранието Талат Џафери. Џафери за време на воениот конфликт во Македонија во 2001 година, беше висок офицер во АРМ но потоа дезертираше и преминаа во редовите ОНА.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Поскапи меѓуградскиот автобуски превоз

Следно

Лига на нациите: Грузиецот Кваратшкелија ќе и се одмаздува на Македонија

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian