Црвена звезда не го дава тронот, во мајсторката го победи Партизан за шеста титула во АБА

2 mins read

Кошаркарите на Црвена звезда ја одбранија титулата во АБА-лигата откако во решавачкиот петти во големото финале со 80:77 го совладаа Партизан.

Натпреварот започна пред полни трибини, а заврши пред празни бидејќи салата „Александар Николиќ“ мораше да биде испразнета откако навивачите на „црвено-белите“ почнаа со тврди предмети да ги гаѓаат судиите.

Ова е шеста титула за Црвена звезда во АБА-лигата со што се израмни со вечниот ривал Партизан на листата на екипи со највеќе титули во регионалното натпреварување.

Натпреварот подобро го отворија „црвено-белите“ кои поведоа со 6:0, но Партизан врати со своја серија од 0:6 по што дуелот продолжи во израмнета игра со доста грешки во нападот на двете екипи. Во втората четвртина, Партизан по тројката на Кевин Пантер поведе со 25:32 во 15 минута.

Кошаркарите на Црвена звезда успеја во последната минута да фатат резултатски приклучок по поените на Холинс за 33:34, но Ледеј му носи на Партизан предност од четири поени. Во третата четвртина, навивачите на Црвена звезда, „Делиите“ предизвикаа прекин на натпреварот откако со тврди предмети почнаа да ги гаѓаат судиите кои се повлекоа во соблекувалната.

По повеќе од триесетминутен прекин, натпреварот продолжи пред празни трибини. Резултатската неизвесност беше присутна до самиот крај на натпреварот, најголемата предност на Партизан по прекинот беше пет поени (50:55) додека Црвена звезда во последната минута дојде до четири поени (80:76). Во последната минута од натпреварот се влезе со предност од три поени за Црвена звезда по тројката на Волтерс.

Потоа, Давидовац на 12 секунди до крајот погоди две слободни фрлања за четири поени предност по што во Ледеј промаши шут за три поени, а Аврамовиќ на девет секунди до крајот погоди само едно слободно фрлање.

По офанзивниот скок, Кевин Пантер промаши шут за тројка, по што можеше да започне големото славје на кошаркарите на Црвена звезда. Давидовац со 15 поени беше најпрецизен на натпреварот, Калиниќ даде 11, а Митровиќ 10 поени за Црвена звезда, додека во редовите на вечниот ривал Кевин Пантер даде 27 поени, Аврамовиќ 12, а Мур 11 поени.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Германска дипломатска офанзива

Следно

Денес се празнува: Трето наоѓање на главата на свети Јован Крстител

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian