Што прави денеска: Енџи Николоска, актерка

4 mins read

За младата Енџи Николоска, уметноста и уметничкото изразување во сите облици е без граници. Првпат афинитетите кон сценско изведувачките области ги покажува на фестивалот за деца „Супер ѕвезда“ (како танчарка) и ТВ-емисиите (дете водител) како дел од ТВ-приказната за деца „Супер ѕвезда“, во период од 2003 до 2005 година. Во 2005 година првпат синхронизира лик од цртан филм на А1 ТВ. Истата година почнува да се занимава со танц, сè до денес.

Енџи дипломирала на Факултетот за Драмски уметности во Скопје. Иако мошне млада, уште од училишните денови, па сè до денес, остварила многу улоги и перформанси во театарски претстави и филмови.

Фото: Диоген Хаџи-Коста Милевски

Пред актерката е плодно лето. Енџи е главна протагонистка во три филмски проекти, кои ги очекуваат фестивалски премиери, надвор од Македонија на два интернационални проекти – краткометражните филмови „Малум“ и „How to let somebody go? (Македонија/БиХ/Црна Гора), а наскоро и премиера на краткометражниот филм „2seconds of us“.

Овој месец, заедно со колегите од „Театроск“, ќе биде дел и од првиот уличен фестивал ТротоАрт, кој ќе се случи во Бања Лука. По плодното лето следуваат два нови проекти и гостување на фестивал надвор од Македонија со монодрамата „Крик“.

Младата и талентирана Енџи ни раскажа како изгледа едно нејзино деноноќие.

– Секој нов ден ми е уште една нова откачена работа, без разлика дали се случило нешто позитивно или негативно.

По природа сум динамична и помалку немирна. Место не ме држи и така во пет до дванаесет одлучувам да заминам на некои од најмоите места.

Фото: Андреј Јаневски/Меди

Деновите што ми започнуваат на море, на мојата омилена Ада Бојана, започнуваат рано со чаша, две вода и тренинг. Понекогаш е кик-бокс, понекогаш се решавам денот да го започнам со танц – commercial dance.

Го искористувам синото и немирно море и никако не го пропуштам појадокот.
Доколку немам обврски, а сум во нашето динамично Скопје, слободното време го поминувам со најблиските. Мојот избор за локација е Старата скопска чаршија – плус кафе и мноооогу благо е формула за супер ден.

Фото: Приватна архива

Доколку имам ангажман, гледам да се фокусирам на него и да го дадам својот максимум. Периодов имав неколку ангажмани во исто време и постојано ме потсетуваа дека сè е во добрата организација, донесоа многу радост во секојдневието, се одвиваа доста инспиративни разговори со колеги што имаат поголемо животно и професионално искуство и луѓе што се од некоја друга страна на светот. Ете тие поминати часови за мене беа најценетото нешто во текот на денот.

Инаку, во слободно време читам поезија, танцувам, слушам музика, тоа некако ме опушта, а во исто време буди нови идеи, кои ме предизвикуваат за да се впуштам во нешто ново што ќе придонесе дополнително себеистражување.

Фото: Приватна архива

Некои вечери се резервирани за забава и по некоја пијачка со пријателите, а некогаш се одлучувам за добар филм и се разбира тука некаде во близина треба да има чоколадо.

Секој ден е различен, понекогаш околината придонесува за тоа, понекогаш ние. Добро е кога има баланс. Никогаш не правам планови за наредниот ден, поинтересно ми е сега и тука, отколку да му ја мислам. Добро, освен ако навистина имам нешто важно да завршам – тоа е друго (хахаха).

 

www.slobodenpecat.mk

Претходно

ВИДЕО: Напред Македонија, нека продолжи победничката серија против Гибралтар

Следно

Патријархот Порфириј му го предаде томосот на архиепископот на МПЦ г.г. Стефан

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian