Рецепт на Сашка и Сашко за прочуената фокача со рузмарин

3 mins read

Сашкa и Сашкo стојат зад креативниот инстаграм-профил за храна @sash_dream. Сашка работи како координатор за набавки во странска компанија, а Сашко го менаџира сопствениот ресторан специјализиран за кетеринг и организација на настани од секаков тип.

Сашка и Сашко ни подготвија крекери од цвекло и хелда: Здрави, вкусни и лесни за подготовка!

Нивна заедничка пасија е гастрономијата, па како што ни открива Сашка, со готвењето се релаксира по напорните денови на работа, а Сашко пак, ја развива својата креативност преку естетското послужување на приготвената храна. Оваа супер идеја е производ на пандемијата, а инспирација црпат од секојдневието и од блоговите за храна.

„Многу често се случувало да патуваме заедно, да вкусиме нешто карактеристично за дестинацијата, а ново за нас и веднаш кога ќе се вратиме да пробаме да направиме наша варијанта“, ни откриваат тие.

Денес сподеуваат врвен рецепт за познатиот италијански леб – фокача и ве предизвикуваат да го пробате овој викенд.

„Тие што добро нè познаваат знаат дека тестата ни се слабост, а се трудиме внесот на бело брашно да го држиме на минимум, па така се трудиме преку неделата да бидеме дисциплинирани, а викендот да си дозволиме и по некоја калорија повеќе… Фокача е италијански тенок леб кој сме го правеле многупати, но веќе можеме да кажеме дека го усовршивме и сме спремни да го споделиме со вас рецептот и начинот на подготовка“, велат тие.

сашка и сашко
Фокача / Фото: Приватна архива

Потребни состојки:

Тесто:
– 400 мл млака вода
– 7 г сув квасец
– 1 лажица шеќер
– 470 г брашно
– 1 лажица сол
– 2 лажици маслиново масло

Топинг:

– рузмарин
– крупна сол
– маслиново масло

Фокача / Фото: Приватна архива

Подготовка:

Ги мешате сите состојки во голем сад, треба да добиете многу меко (читај: мокро) тесто. Оставате да нарасне околу 4 часа или додека не нарасне убаво, односно кога ќе го протресете површината да биде „како желе“. Откако ќе нарасне, нежно го префрлате во намачкано тавче (ние користевме тавче со димензии 20×30 цм) со маслиново масло за да не се залепи и оставате да отстои уште 45 минути. Потоа, следува најинтересниот дел, со помош на четкичка го премачкувате со маслиново, наросувате рузмарин и крупна сол и со помош на прстите го дупчите тестото. Така подготвено се пече во загреана рерна на 220°С околу 20-25 минути.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

„Вози право, вози здраво“ низ улиците на Скопје

Следно

Партиски препукувања за преговорите со Бугарија, кој нанесува поголема штета

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian