Германските нацисти и атентатот во Марсеј (6)

8 mins read

Историографот Едуард Чалиќ многу аргументирано наведува дека акцијата за убиство на Барту и на кралот Александар би била неможна без оружје, пари и лажни документи добивани од германските тајни служби. Според него, за германскиот империјализам, „македонското прашање беше една карта во играта за нова поделба на светот“ меѓу големите сили.

Мелита Видеман се појавила јавно со писмена кампања во март 1977 година кога била вклучена во полемиката околу „пожарот во Рајхстагот“ од март 1933 година. На спротивната страна од оваа полемика група историчари и антифашисти предводени од швајцарскиот историчар и политичар Валтер Хофер (1920 – 2013) се спротивставувале на амнестијата и рехабилитацијата на нацистите за пожарот во Рајхстагот. Видеман и други од нејзиниот табор остро го критикувале Хофер и особено остро бил нападнат историчарот Едуард Чалиќ.

Мелита Видеман дури судски се обидела да му го одземе докторатот на Едуард Чалиќ, но во таквиот обид не успеала. Од 1979 година била политички активна во партијата на Зелените во Германија. Според Едуард Чалиќ, таа е таинствената „плава дама“ замешана во атентатот во Марсеј во 1934 година. Впрочем, и германскиот историчар Фридрих Зипфел ја нарекол „СС-овска амазонка“.

Главна цел на атентатот во Марсеј – Луј Барту, министер за надворешни работи на Франција

„Независна македонска држава“

Интересна е нејзината „поврзаност“ со Македонија кон крајот на Втората светска војна. Имено, во 1944 година му предлагала на Хајнрих Химлер да организира „отпор на сите национални сили во Белград“, а била замешана и во обидот за создавање квислиншка и фашистичка „Независна македонска држава“, која, според неа, би им дозволила на британските трупи да се истоварат во Солун и заедно со т.н. „армија на генералот Власов“ би го бранеле Белград од Црвената армија. Секако, ваквите „планови“ немаа никаква реална подлога, а Третиот Рајх и Михајлов не создале „независна држава“.

Мелита Видеман била некој вид „Мата Хари“, која вршела исклучително тајни и доверливи задачи за Рајнхард Хајдрих, шефот на Канцеларијата за главна безбедност на Рајхот. По сведочења на Ото Страсер, некогашен нацистички раководител, пред историчарот Фредо Чулиновиќ во 1969 година, а на кое се повикува историчарот Чалиќ, Мелита Видеман во периодот пред почетокот на Втората светска војна, често патувала во соседните земји на Германија и, претставувајќи се како „опозиционерка“ на нацистите, се поврзувала со влијателни луѓе, па пренесувала корисни информации за намерите на југословенските, чехословачките и француските политичари.

Хитлер и Мусолини

Страсер сведочел дека Мелита била многу добро вплеткана во палењето на Рајхстагот, во „ноќта на долгите ножеви“ и во атентатот во Марсеј. Таа самата, наводно, му кажала на Страсер дека пред војната ги познавала водечките белградски полицајци и усташките главешини и му тврдела дека и пожарот во Рајхстаг и атентатот во Марсеј не го организирале нацистите. Според нејзино искажување, убиствата на Александар и Барту во Марсеј ги организирале Мусолини и Павелиќ, односно Еуген Кватерник.

Мијо Краљ, еден од атентаторите во Марсеј

Во секој случај, Мелита Видеман јавно пишувала дека „усташката држава е модел за идната нова Европа под водство на СС“, се движела во усташките емигрантски кругови пред војната и лично се познавала со главните усташки раководители како Будак, Лорковиќ и Артуковиќ. Како уредник на весникот „Акција“ била во добри односи и соработувала со Еуген Дидо Кватерник, кој се смета за главен човек за организација на атентатот во Марсеј од усташка страна и подоцна шеф на тајните служби во НДХ.

Дека атентатот во Марсеј го организирале нацистите тврди и најдобриот познавач на оваа проблематика, историографот Едуард Чалиќ. Тој, многу аргументирано, наведува дека акцијата за убиство на Луј Барту и кралот Александар би била неможна без техничка помош во оружје, пари и лажни документи добивани од германските тајни служби. Според него, за германскиот империјализам, „македонското прашање беше една карта во играта за нова поделба на светот“ меѓу големите сили.

Индиректна потврда на тезата дека разузнавачките служби на Третиот Рајх стоеле зад организацијата на атентатот во Марсеј и дека тој бил во корист на нацистичките интереси на европската политичка сцена, може да се извлече од информацијата што бугарскиот амбасадор во НДХ Јордан Мечкаров ја напишал до своето Министерство на 24 јули 1941 година каде стоело оти од Миле Будак, кој бил министер за просвета и еден од главните усташки раководители во НДХ, во врска со атентатот во Марсеј му било кажано: „Тогаш исто беше раскинат и обрачот на версајскиот систем, кој го изградуваше Барту против Германците“. Тоа е, фактички, уште една потврда на тезата дека примарна цел на атентатот во Марсеј бил францускиот министер за надворешни работи Луј Барту и неговата антигерманска политика.

Поткрепа на ваквата теза е и целата геополитичка констелација во Европа пред почетокот на Втората светска војна.

Имено, атентатот врз Кралот Александар бил можен и поради противречностите меѓу големите сили во Европа, поради заинтересираноста и акциите на нацистичка Германија да ги врати позициите во Југоисточна Европа, а во крајна линија и како противтежа од ревизионистичките кругови ширум Европа на бугарско-југословенското приближување и потезите од Франција за зачувување на своите доминантни позиции воспоставени со Версај 1919 година.

За и против Версај

Значи, не би требало да се заборави дека односите на Југославија со Италија и Унгарија биле особено затегнати од 1932 година поради активностите на усташите на нивните територии, но и дека на иницијатива на француската дипломатија во 1934 година започнала една интензивна дипломатска кореспонденција која, во крајна линија, имала за цел да се зацврсти европскиот поредок воспоставен со Версај и да се анулира можноста за германска експанзија под водство на Хитлер. Така, Мусолини со цел да ги подобри односите со Југославија како предуслов за поблиска соработка со Франција, ги затворил тренинг-камповите во Борготаро и Задар во кои се „обучувале“ околу 2.000 усташи, а тоа се случило речиси веднаш по 9 февруари 1934 година кога во Атина бил потпишан Балканскиот пакт меѓу Југославија, Грција, Романија и Турција. Учеството и помошта при создавањето на овој Балкански пакт од страна на француската дипломатија, биле сосема јасни и видливи, а тој требало да претставува уште еден инструмент за зачувување на Версајскиот систем на граници и односи на Балканот. Впрочем, потписниците на тој Пакт заемно си ја гарантирале безбедноста и неповредливоста на границите.

(продолжува)

Прочитајте:

Прв дел: ВМРО на Ванчо Михајлов и усташите на Анте Павелиќ (1)
Втор дел: Бегството на Михајлов од Бугарија со фашистичката помош и ликот на Владо „Шоферот“ (2)
Трет дел: Организирање на атентатот во Марсеј (3)
Четврти дел: Атентатот во Марсеј и германските нацистички тајни служби (4)
Петти дел: Мелита „Мата Хари“ Видеман и атентатот во Марсеј (5)

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Руска манекенка паднала од 25 метри височина во текот на оргии: Приказната добила неочекуван пресврт

Следно

Грузија пукна „петарда“ против Бугарија во Разград

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian