Живееме во време кога нормалниот живот станува луксуз. За повеќе од нормалното не може ни да се помисли во време кога живеачката станува сè поскапа, а семејниот буџет сè потенок, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во денешното обраќање до јавноста.
Според него. не е до тоа дека кризата е увезена. Тој ја обвини власта за неспособност поради што, како што рече „инфлацијата е двоцифрeна, струјата е поскапена, половина милион луѓе живеат во сиромаштија во нашата земја, и 90 илјади луѓе и овој месец работеа, но не земаа плата“.
Мицкоски смета дека продолжувањето по таа патека значи сигурна пропаст без можност за поправка, точка од која нема враќање, губење на Македонија и која така веќе ја има сè помалку.
Бидејќи, како што рече, не постои ниту најмала надеж дека со оваа Влада може да биде барем нешто подобро, време е за промени, а промените ги гледа во ВМРО-ДПМНЕ.
-Ова обраќање е во име на ВМРО-ДПМНЕ, но во својата суштина е надпартиско, обединувачко, неполитичко, со чиста емоција, јасна порака која треба да ечи дека дојде часот, дека молкот во овие времиња не е опција, дека е премногу, а границите на разумот се надминати, рече Мицкоски.
Тој повика сите – христијани, муслимани, атеисти, Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи, Бошњаци и останати – да излезат на улиците со цел да се урне владата која ја смета за „именител на сите наши колективни порази и неуспеси“.
Мицкоски протестот на ВМРОДПМНЕ го најави за 18 јуни во 20 часот, пред Влада на Република Македонија.